ПИСА-оценувањето, кое го спроведува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), покажа дека македонските ученици се значително под меѓународниот просек. Прекумерната употреба на мобилните уреди, кои го одвлекуваат вниманието на учениците, негативно влијае врз основното знаење кај учениците ширум светот. Но, македонскиот образовен систем, покрај овие современи предизвици, се соочува и со низа дополнителни проблеми – политизација на образованието, материјално ориентирана генерација родители и несоодветни наставни програми. Според објавените податоци, во Македонија, само околу 26 проценти од учениците го достигнуваат основното ниво на читање, додека просекот во земјите на ОЕЦД е околу 69 проценти. Најдобри резултати, македонските ученици постигнале во 2018 година, што се поврзува со периодот на примена на Кембриџ-програмата, која во македонскиот образовен систем беше предмет на остри критики од голем дел од засегнатите страни.
Пишува: Орце КОСТОВ
Катастрофалните резултати во најновиот меѓународен извештај од Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА), кој го изготвува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), откри сериозен глобален тренд на пад на знаењата кај основците, а резултатите за Македонија покажуваат загрижувачка стагнација и пад, позиционирајќи ги македонските ученици значително под меѓународниот просек.
Екранизацијата, односно прекумерната употреба на мобилни уреди со кои се одвлекува вниманието на учениците, како и хроничниот дефицит на наставен кадар, негативно влијаат врз основното знаење на учениците ширум светот, но македонскиот образовен систем, покрај овие модерни предизвици, се соочува со ниски резултати по сите полиња поради многу причини.
Според глобалното истражување ПИСА, кое опфати 760.000 ученици во 91 земја и регион, просечните резултати во повеќето држави продолжуваат да бележат пад.
На самиот врв од глобалното рангирање се источноазиските земји, предводени од Сингапур. Во групата со највисоки постигнувања се и Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, кинеските региони и Естонија. Од земјите на Европската Унија, Ирска оствари најдобар резултат во читање, а над просекот во повеќе категории се позиционираа и САД и Австралија.
Најизразен пад е забележан кај читањето, каде што просекот на земјите-членки на ОЕЦД е намален за дури 28 бода од 2015 година наваму. Аналитичарите предупредуваат дека преминот кон дигитално читање, површното прелистување на социјалните мрежи и исчезнувањето на навиката за читање од задоволство директно ја нарушуваат способноста за разбирање посложени текстови.
Сличен пад од 22 бода во изминатата деценија е забележан и по математика, додека постигнувањата по природни науки остануваат релативно стабилни.
Извештајот првпат ја анализира и улогата на вештачката интелигенција, при што е утврдено дека учениците што не ги препуштаат училишните задачи на чет-ботови постигнуваат значително повисоки резултати и покажуваат поголема самостојност.
Од сите земји во ОЕЦД, Англија бележи подобри резултати. Врсниците од Англија остварија подобри резултати од повеќето свои меѓународни врсници по математика, читање и природни науки. Покрај напредокот во природните науки, посебно се издвојува англискиот резултат во читање, кој ги надмина Австралија, САД, Финска и Франција.
Сепак, општата слика на ОЕЦД за глобалното образование останува песимистичка, посочувајќи дека мнозинството 15-годишници во моментов покажуваат ниво на знаење какво што во минатото се очекувало од 14-годишни ученици.
Извештајот покажа дека дури четири од десет училишта во земјите на ОЕЦД се соочуваат со недостиг од наставници, што директно го попречува квалитетот на наставата.
ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ УЧЕНИЦИ
Резултатите за Македонија покажуваат загрижувачка стагнација и пад, позиционирајќи ги македонските ученици значително под меѓународниот просек.
Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат дека учениците од Македонија освоиле 379 поени по математика, 354 поени во разбирањето на прочитаното и 377 поени по природни науки. Во математиката, просекот на ОЕЦД е околу 472 поени, додека во природните науки просекот изнесува 482 поени. Овие бројки ја ставаат земјата на самото дно во регионот, зад Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Албанија, а единствено пред Косово.
Во споредба со претходното мерење во 2022 година, резултатите на учениците од Македонија, во 2025 година се пониски во сите три области. Во математиката, резултатот е намален од 389 на 379 поени, односно за 10 поени. Во разбирањето на прочитаното има пад од 359 на 354 поени, додека во природните науки резултатот е намален од 380 на 377 поени.
За споредба, ПИСА 2022 веќе покажа значително влошување во однос на 2018 година. Тогаш учениците од Македонија имале 394 поени по математика, 393 поени во читање и 413 поени во природните науки. Според ОЕЦД, резултатите во 2022 година биле пониски од оние во 2018 година во сите три области.
Само околу една третина од учениците го достигнуваат основното, второ ниво на математичка писменост, додека во земјите на ОЕЦД, тоа го постигнуваат околу две третини од учениците.
Алармантен е податокот што дури 74 отсто од 15-годишниците во Македонија не го достигнуваат ниту основното ниво на читање со разбирање (ниво 2), односно имаат сериозни тешкотии да анализираат информации, да препознаат факт од мислење или да извлечат заклучок од посложен текст. Исто така, над 35 отсто од учениците пријавиле дека мобилните телефони и дигиталните уреди редовно им го одвлекуваат вниманието за време на часовите, што дополнително се одразува врз огромниот јаз во знаењето и ја нагласува итноста од темелни образовни реформи.
Според ОЕЦД, 20 поени претставуваат приближно една година школување, па во многу земји, преку намалените резултати сега се пресметуваат изгубени години во образованието.
Македонските ученици се многу над просекот на ОЕЦД според случаите на отсуства од училиште. Околу 35 отсто од нив изјавиле дека пропуштиле барем еден ден од училиштето во двете недели пред тестот (просек на ОЕЦД е 22%); 41 отсто од тестираните изјавиле дека пропуштиле барем еден час (просек на ОЕЦД е 24%), а 57 отсто изјавиле дека доцнеле на училиште (просек на ОЕЦД: 50%).
Според објавените податоци, во Македонија, само околу 26 проценти од учениците го достигнуваат основното ниво во читање, додека просекот во земјите на ОЕЦД е околу 69 проценти.
УЛОГА НА РОДИТЕЛИТЕ И НА НАСТАВНИЦИТЕ
Според Извештајот, во 2025 година, дури 67 отсто од учениците во Македонија изјавиле дека нивните родители или старатели ги прашуваат барем еднаш неделно – што прават во училиште, а 52 отсто изјавиле дека водат дискусии најмалку еднаш неделно за проблемите што можеби ги имаат во училиште. Во 2022 година, соодветните удели биле 73 отсто и 63 отсто, што укажува на опаѓање на семејната поддршка.
„Извештаите на учениците за семејна поддршка значително се намалија во речиси сите земји и економии учеснички во ПИСА помеѓу 2022 и 2025 година“, се наведува во Извештајот.
За разлика од недоволната вклученост на родителите, македонските ученици немаат забелешки за поддршката од наставниците.
Според ОЕЦД, помеѓу 2015 и 2025 година, во Северна Македонија, се подобрила поддршката на наставниците: 80 отсто од учениците изјавиле дека, на повеќето часови по природни науки, наставникот покажува интерес за учењето на секој ученик (просек на ОЕЦД: 69%), 77 отсто од нив одговориле дека наставникот продолжува да предава сè додека учениците не разберат (просек на ОЕЦД: 66%), а 80 отсто од нив рекле дека наставникот дава дополнителна помош кога на учениците им е потребна (просек на ОЕЦД: 73%).
Во 2015 година, соодветните удели биле 76 отсто, 78 отсто и 77 отсто. Од друга страна, во истиот период не била подобрена дисциплината на часовите. Околу 21 отсто од учениците изјавиле дека не можат да работат добро на повеќето или на сите часови, а просекот на ПИСА е 19 отсто.
Четвртина од тестираните изјавиле дека бучавата и нередот го нарушиле поголемиот дел или секој час по природни науки (просек на ОЕЦД: 31%); а 33 отсто од учениците изјавиле дека нивните соученици не слушаат што им кажува наставникот (просек на ОЕЦД: 29%).
Тестот пружа увид и во ставовите на 15-годишниците во областите како што се љубопитност, упорност и перцепирана вредност на училиштето кај учениците. Во Македонија, 68 отсто од учениците се согласуваат или целосно се согласуваат дека се љубопитни за многу различни работи, во споредба со 73 отсто во земјите на ОЕЦД. Покрај тоа, 62 отсто изјавиле дека вложуваат дополнителен напор кога работата станува предизвикувачка (просек на ОЕЦД 60%), а во исто време, 24 отсто се согласуваат или целосно се согласуваат дека училиштето било губење време (просек на ОЕЦД: 24%).
Помеѓу 2022 и 2025 година, овие ставови донекаде се промениле и уделот на ученици кои изјавиле дека се љубопитни за многу различни работи се зголемил за 9,2 процентни поени.
ИЛЕ МИХАЈЛОВСКИ: ПРОБЛЕМОТ Е ВО МАТЕРИЈАЛНАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА РОДИТЕЛИ
Одделенскиот наставник Иле Михајловски од Свети Николе, во 2025 година беше еден од 50 финалисти што сеа бореа за светската награда од 1 милион долари за најдобар наставник (Global Teacher Prize) што ја доделува образовната мрежа „Gems education“ (ГЕМС), иницијатива на фондацијата „Варки“ што ја доделува во соработка со УНЕСКО.
Во разговор за „Фокус“ ги откри суштинските проблеми во основното образование кои се некои од причините Македонија да има ваков стрмоглав пад на ПИСА тестовите.
–Не можеме да речеме дека виновни се само родителите, само децата или само наставниците. Проблемот лежи генерално што сегашната генерација на млади родители е материјална генерација, која е во постојана трка по пари, генерација која реално ги задоволува материјално своите деца, компензирајќи го своето отсуство. А родителите, кога се обидуваат да ги мотивираат децата купувајќи скапи подароци, не им го даваат главното: подучувањето на што е тоа важно и што е тоа потребно.
Вториот проблем е што самите родители не ја сфаќаат важноста да се чита од мали нозе, посебно кога имаме првачиња или деца од второ и трето оддлеление. Постојано сум советувал дека треба да се користи дополнителна литература што ја има и во библиотеките.
Тука поголем е процентот на родители што размислуваат вака: како јас ќе го терам моево дете на распуст да чита кога сите надвор возат тротинет. Ние тука не можеме да допреме, освен да дадеме совет, вели Иле Михајловски.
На скандинавските земји не им требаше да излезат резултатите од ПИСА тестовите и претходно почнаа да носат радикални мерки во однос на користењето на мобилните уреди и вештачката интелигенција, кои ОЕЦД ги наведе како клучни за падот на квалитетот на знаењето.
–Скандинавците сè почесто ги забрануваат телефоните, вештачката интелигенција, ги враќаат учебниците. Кај нас самата министерка за образование е промотор на вештачката интелигенција. Не е нужно да следиме нешто што е светски тренд. Ако ние не создадеме генерација, која, пред сè ќе има стабилна база на читање, релевантен вокабулар на нивните години, ние не сме постигнале ништо. Имаме чат џи-пи-ти, децата ќе свикнат дека ВИ ќе им ги даде одговорите, петтоодделенците веќе прашуваат за одредени ликови од лектирата за да не ја прочитаат. Вештачката интелигенција ги уништува генерациите на деца.
Може свесно да ги користиме придобивките на вештачката интелигенција за да бидеме подобри во работата, но тоа не смееме да му го дадеме на дете кое тоа не знае како да го користи со цел полесно да учи. А сите деца сега тоа го прават за да не учат, коментира Михајловски и додаде:
–Како општество дозволивме премногу политизираност во образованието, за жал, дозволивме премногу измени на наставни програми кои се неквалитетни и полни со грешки, правиме копи пејст на програми и не согледуваме дали тие се компатабилни со нашиот менталитет.
ЈАНЕВСКА: ЕФЕКТИТЕ ОД СЕГАШНИТЕ РЕФОРМИ ЌЕ СЕ ВИДАТ ЗА 10 ГОДИНИ
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, осврнувајќи се на резултатите од ПИСА 2025, оцени дека тие повторно се многу лоши. Таа рече дека објавените резултати се одраз на реформите спроведувани во претходниот период, имајќи предвид дека актуелната власт дошла на власт во 2024 година, а тестирањето било спроведено само шест месеци подоцна, во 2025 година.
Јаневска смета дека резултатите од актуелната реформа на македонскиот образовен систем ќе може да се оценуваат дури откако учениците опфатени со неа ќе стигнат до возраста на која се спроведува ПИСА, односно за околу девет до десет години.
–За жал, во 2001 година сме имале подобри резултати на читање и разбирање. Најдобри резултати сме имале во 2018 година, што, според наставниците и анализата, е резултат на реформата Кембриџ. Резултатите на оваа реформа, која во моментов се прави, ќе ја видиме тогаш кога овие ученици ќе наполнат 15 години, што значи некаде за 9-10 години. За жал, не станува збор само за програмите. Ќе мора да обрнеме многу повеќе и внимание и на другите елементи што го сочинуваат образовниот систем, рече Јаневска.
Како можни причини за слабите резултати таа ги наведе општествените и глобалните околности, но и влијанието на социјалните мрежи и неконтролираната употреба на мобилните телефони и таблетите. Според неа, учениците треба повторно да ги развиваат основните вештини за читање и пишување на традиционален начин, додека технологијата треба да се користи за развивање критичко размислување и критичка анализа.
Иако постојат тези дека вештачката интелигенција и дигиталните уреди го намалуваат фокусот, Јаневска смета дека поголем проблем се социјалните мрежи и неконтролираната употреба на телефоните.
–Ќе се справуваме на класичен начин, она што постојано го промовираме: децата мора да научат да пишуваат и читаат на традиционален начин, да ја развиваат својата моторика и својот ум, а наставниците треба да ги научат како да ја користат технологијата во правец на критичко размислување, критичка анализа. Затоа и спомнав дека не е само еден елемент кој влијае на резултатите, изјави Јаневска.
Иако најдобрите резултати на ПИСА сме ги имале како резултат на Кембриџ програмата која беше предмет на остри критики од родителите и наставниците кога своевремено ја воведе владата на Никола Груевски, нашите информации говорат дека шансите за таа програма да се врати се нула проценти и дека ќе се продолжи со оваа реформа која е всушност продолжение на програмата која почна да ја воведува бившата министерка за образование, Мила Царовска.
СЛОВЕНИЈА ЈА УКИНУВА ДЕВЕТТОЛЕТКАТА ПОРАДИ ПИСА
Словенечкиот министер за образование Борут Рончевиќ најави укинување на деветгодишното основно образование и враќање на осмолетката од учебната 2028/2029 година. Одлуката дојде веднаш по објавувањето на резултатите од меѓународното тестирање ПИСА 2025, каде што словенечките петнаесетгодишници покажаа пад во читањето, математиката и природните науки. Планот предвидува сегашното прво одделение да стане задолжителна подготвителна година во градинките.
Според планот што го презентираше државната секретарка Мојца Шкрињар, реформата треба да стапи во сила за две години. Децата наместо во училишни клупи, на шестгодишна возраст ќе бидат дел од задолжителна предучилишна програма водена од воспитувачи.
Министерот Рончевиќ тврди дека по две децении деветлетката не ја исполнила целта. Наместо полесно совладување на материјалот, знаењето на учениците паѓа, а описменувањето непотребно се развлекува низ првите три години. Новиот концепт предвидува враќање на поригорозни критериуми при оценувањето, построги правила и фокус на раната писменост уште во првата година од формалното образование.
Најавата веднаш предизвика остар отпор кај педагозите и синдикалните претставници. Поранешниот министер за образование, Винко Логај изјави дека е згрозен од најавените мерки, нагласувајќи дека ваквиот пристап внесува несигурност кај наставниците и родителите. Експертите од Педагошкиот факултет во Љубљана предупредуваат дека префрлањето на првата година во предучилишните установи може да отвори и уставен проблем, со оглед на тоа што словенечкиот Устав гарантира задолжително основно образование, но не и задолжителна градинка.
Текстот е објавен на 17 септември 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.615