Економијата се покажаа поотпорна од очекуваното во првата половина од оваа година, инфлацијата е на едноцифрено ниво, буџетските политики се реализираат согласно планираното, продолжува постепената фискална консолидација, а учеството на капиталните расходи од 5% од БДП на годишно ниво ќе имаат значајна улога во генерирање економски раст, беше констатирано на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе и директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју, која се одржа во Маракеш, Мароко во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ.
„Со Светската банка имаме исклучително значајно партнерство кое одбележа 30 години. Тоа има посебно значење во спроведување на реформите поддржани преку проекти во вредност од 2,8 милијарди американски долари, Значајна е обезбедената поддршка во услови на економска несигурност и негативното влијание од Ковид-19 и војната во Украина, како и проектите што се спроведуваат во моментов, а се однесуваат на подобрување на општинската инфраструктура, изградба на патишта, модернизација на земјоделството, енергетската ефикасност, реформи во социјалниот сектор и основното образование“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека ова силно и континуирано партнерство продолжува и во наредниот период.
„До крајот на годината очекуваме да се заокружи новата петгодишна програма. Веќе се дефинирани проектите коишто ќе бидат опфатени со оваа програма, а ќе значат одржување на реформскиот процес на патот на пристапување кон ЕУ и обезбедување поодржлив, отпорен и зелен раст“ објасни Бесими.
Дополнително, на средбата, е истакнато дека до крајот на годината се очекува да се одобри и заем за развојни политики од околу 100 милиони долари, насочен кон поддршка на процесот на реформа на јавната администрација, справување со неформалната економија, како и за поддршка на мерките и активностите предвидени со Планот за забрзан економски раст.