Партиска правда

by Фокус

Времето покажа дека судиите и обвинителите, без конкуренција, се политички најподатливите носители на власт во оваа држава. Затоа и не може да станува збор за нивна моралност, професионалност и независност. Тоа е причината зошто граѓаните и општеството се соочуваат, не само со „партиски“ кадри во правосудството, туку и со партиски профилирана и разделена правда.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Иницијативата на актуелната власт за разрешувањето на членовите на РСС избрани од страна на Собранието, независно од тоа на кој начин и во кој облик ќе се реализира, ќе даде свој позитивен придонес за враќање на довербата во судството и владеење на правото, само и единствено ако едни партиски кадри не се заменат со други.

Да не се лажеме! Евтина политичка приказна е дека кадрите што веќе имаат изминат рок на важење се партиски, а оние што допрва ќе бидат избрани, се непартиски, далеку поморални, професионалци, признати во струката итн.

Ако барем малку се свртиме наназад и се проанализира изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОК, како и последниот избор на член на РСС од подрачјето на Апелацискиот суд Штип на госпоѓата Данка Ристова, ќе се види дека образложенијата се исти и, најверојатно, ќе останат и понатаму исти.

Само оној што не ги познава состојбите во право (криво)судство може да биде наивен и неодговорен, кога тврди дека изборите во судско-обвинителската фела се резултат на „демократски“ случувања.

Нема сомнение дека сите досегашни избори за членови на РСС и Советот на ЈО се резултат на длабоки подводни струења и заднински судски и обвинителски спреги. Нивна заедничка карактеристика е што тие секогаш, без исклучок, инклинираат и се резултат на политичката моќ на партијата што е на власт.

Времето покажа дека судиите и обвинителите, без конкуренција, се политички најподатливите носители на власт во оваа држава. Затоа и не може да станува збор за нивна моралност, професионалност и независност.

Тоа е причината зошто граѓаните и општеството се соочуваат, не само со „партиски“ кадри во правосудството, туку и со партиски профилирана и разделена правда.

БОГ ДА ГО УБИЕ КОЈ ПРВ ПОЧНА

Не знам дали некој воопшто ги брои, а уште помалку памети, колку „реформи“ се има објавено и спроведено во правосудната сфера, во изминатите петнаесетина години.

За жал, крајниот резултат од сите тие бомбастично најавувани „реформи“ се мизерните два проценти доверба на граѓаните во разделувачите на правда во државата.

Прашање на доверба и трпение е уште колку изборни циклуси и кадровски „проветрувања“ треба да се случат за колку-толку судовите/судиите и обвинителствата/обвинителите да почнат да се држат до законите и правораздавањето, кое треба да резултира со право и правда.

Одговорноста за таквата состојба лежи во партиите! Тие преку своите „народни избраници“ во Собранието се оние што ги определуваат правно-нормативните основи на правораздавањето.

Тие (партиите) се оние, кои за да ги заштитат своите криминални интереси, ја воведоа уставната категорија за неказнивост на судиите, како и измените на Кривичниот законик, со кој застареа многу кривични дела сторени токму од видни партиски членови.

Тоа дава за право да се сомневаме дека и актуелната „реформа“ на правосудниот систем ќе роди плод и ќе резултира со владеење на правото.

Поверојатна варијанта е членовите на РСС и Советот на ЈО, како и дел од судиите и обвинителите што биле или се блиски до СДСМ и ДУИ, сега со оваа „реформа“ да бидат заменети со кадри што ќе бидат блиски или продолжена рака на актуелно владејачките партии.

Дај Боже да не биде така! Преку глава ни е дојдено од партиска правда и од партиски „реформи“ во правосудството! Ова до толку што изминатите години и праксата покажа дека токму дел од носечките кадри на партиите се носители на криминал и корупција во државата. Листата е долга од мистериозниот сдсмовец во тренерки, преку Никола Груевски, до Груби.

Кој ќе биде следниот?

Поврзани новости