Партијата на Рама собра 50 пратенички потписи за смена на претседателот Мета

by Фокус

Албанските социјалисти собраа потписи од 50 пратеници, колку што се доволни за во Парламентот да почне иницијатива за смена на шефот на државата Илир Мета.

Во документот за смена на Мета меѓу потписниците не се наоѓа премиерот Еди Рама, кој уште за време на изборната кампањата изјави дека е за негова смена.

Во образложението за смена на актуелниот претседател, меѓу повеќето прекршувања на неговите уставни надлежности, се споменува и обвинувањето адресирано до американската амбасадорка Јури Ким, на која Мета и порача да не се меша во внатрешните работи на Албанија.

Според најавата од парламентарната група на социјалистите, тие предлогот веќе го доставиле до Парламентот и очекуваат тој да се најде на утрешната пленарна седница.

Мета, пак, истакна дека изборниот процес целосно не е завршен и оти треба да продолжи администрирањето на секој приговор и пребројувањето на секое гласачко ливче.

Ова е втор обид на социјалистите за смена на претседателот, откако на почетокот на 2019 година беше формирана анкетна комисија со поддршка од 101 пратеник.

Но, по добиениот одговор од Венецијанската комисија во октомври истата година, постапката беше прекината.

Поврзани новости