Партијата на Рама изгуби во само една општина на изборите во Албанија

by fokus

Попладнево конечно заврши пребројувањето на гласачките ливчиња од неделните локални избори во Албанија и е потврдено дека локалната власт е целосно обоена виолетово, што е партиска боја на владејачките социјалисти.

Како што јави дописничката на МИА, податоците потврдуваат дека дури 60 од вкупно 61 општина ќе бидат раководени од кандидати на Социјалистичката партија. Во 30 општини имаше само по еден кандидат и тоа од редовите на социјалистите.

И општина Пустец, населена со Македонци, по три мандати на Едмонд Темелко од МАЕИ, во наредните четири години ќе ја раководи социјалистот Пали Колефски.

Единствена општина во Албанија каде новиот градоначалник не е од социјалистичката партија е општина Финиќ, каде новиот градоначалник е од партијата на грчкото малцинство, МЕГА, Кристо Кичо.

Градоначалници жени добија седум општини, Пермет, Курбин, Делвина, Патос, Расковец, Либохово и општина Ура Вајгуроре.

Изборите не ги признава обединетата албанска опозиција предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша.

Претседателот Илир Мета е со став дека избори без опозиција се неважечки. Тој денеска предложи на 13 октомври за кога, на 27 јуни, ги презакажа локалните избори да се одржат и предвремени и претседателски избори.

Поврзани новости