Партијата е наша судбина

by fokus

Кој и да победи на овие „историски“ избори, ќе добие слаби институции во кои работат неколкумина професионалци, послушни судии и обвинители, лекари кои пола живот го жртвувале за да им се поклонуваат на минливите „авторитети“, незадоволни наставници и професори. Но, и ранливи медиуми.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Турканици, метеж, паѓање во несвест за нов пасош или лична карта со Северна. Ваква беше сликата пред пунктот во „Пролет“ уште пред да замине од функција министерот Оливер Спасовски.

Кога дојде неговиот наследник во техничката влада Панче Тошковски ги „освести“ граѓаните дека се во државен притвор зашто неговиот претходник бил неспособен и тој како супер херој ќе ги спаси.

Нови слики од метеж имаше викендов, ама не од пред пасошко, туку пред подрачните единици на Државната изборна комисија. Ама таму никој не се буни што има толкав ред и се чека.

Сите се трпеливи само за да го дадат својот потпис за претседателските кандидати на најголемите политички партии, СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Од толкава возбуда, една жена се збунила, па, наместо за Пендаровски, се потпишала за Силјановска и бараше да си ја исправи грешката.

Иако и едниот и другиот кандидат можеа да ги предложат 30 пратеници, сепак и двајцата одлучија да се измерат. Па, така во рекордно време, за еден ден собраа многу повеќе од потребниот минимум 10.000 потписи. И двете партии веднаш им се јавија на членовите што сега предизборно, конечно се „главни“.

Верните сдсмовци докрај се борат да го победат злото, а испостените вмровци одбројуваат да ја покажат силата и веќе си делат функции за верното и трпеливо чекање. Оти кај нас изборите, за партиското членство се „живот или смрт“.

Или ќе летаат, или ќе се сместат на некоја удобна фотелја. Та не отишле за џабе да чекаат ред да се потпишат. Партијата е нашата судбина, таа е биро за вработување, биро за фаќање врски, ама и место од каде што се црпи моќта и влијанието.

Место од каде што ќе ги истуриме личните фрустрации кога ќе дојдат нашите пет минути. Па, тука и на партиските лидери не им е лесно да го задоволат клиентелистичкото членство.

Оти за повеќето ќе има, ама за сите ќе нема место. Ќе има и многу разочарани што се бореле од почеток, а ништо не добиле. И на двете страни ќе „лапнат“ само неколкумина, за сто животи, зашто за еден им е малку.

За волја на вистината, кога Заев ја освои власта, не ги избрка вмровците, ама не успеа ниту да ги професионализира институциите, ниту да создаде систем што ќе функционера, без разлика на тоа кој е на власт. Никому не му е приоритет квалитетно, а не тендерашко образование, ефикасно, а не здравство само за оние со пари и врски, правда за обичниот граѓанин, а не за богатите бизнисмени и функционери.

Затоа што ако се ценат професионалците во институциите, ќе нема кој да шпионира, да прави сплетки, ќе мора да се работи. А она што му е омилено на Македонецот е да се пикне некаде, не мора да зема голема плата, да не работи, туку да одработува.

Ако не преку партија, ќе го вработат преку „дебели“ врски. Фамилијарната лоза сигурно некому направила услуга за нешто, па сето тоа се памти и треба да се наплати. Секој потег е пресметан, во своја корист, за да си обезбедиме некој лажен конфор за нас зашто ете такво е времето.

Сите тие услуги и противуслуги, партиски или врскаџиски, го креираат болното општество со кое се бориме секојдневно. Оние на кои им е битна професионалноста и напредокот, веќе заминаа во странство.

Па, така, Државниот завод за статистика пресмета дека годишно 12 илјади македонски државјани си заминуваат. Како што тргнало, тука ќе останат само оние со црни пари, партиските послушници и врскаџиите.

Оти само за нив има убав живот тука, ним им се клањаат и лекарите, и наставниците, и судиите, и обвинителите. Другите што ја гледаат поголемата слика и имаат искрена желба за здраво општество се „неснајдени“.

Посебна категорија се оние на кои, пак, сеедно им е кој ќе дојде, тие веќе се престројуваат во редовите на „победниците“.

Па, кој и да победи на овие „историски“ избори, ќе добие слаби институции, во кои работат неколкумина професионалци, послушни судии и обвинители, лекари кои пола живот го жртвувале за да им се поклонуваат на минливите „авторитети“, незадоволни наставници и професори, кои можеби морале да чекаат ред за потпис за да не им го прекинат договорот.

Но, и ранливи медиуми, кои ако во време на Грујо беа заробени, сега се посуптилно заработени. Сега не постои еден центар за притисок, туку секој моќник, функционер, па дури и службеник си зема за право да притиска и да реагира, што е коректно или некоректно да се објави или да се пишува.

Само да не се врати Грујо, не за друго. Всушност, ние сме цело време во партиски, а не во државен притвор.

Тошковски не може да нѐ ослободи и да сака. И самиот призна дека сите граѓани ќе ги сменат документите до крајот на оваа година. Но, и со пасоши и без пасоши, ние сме заробени во сопствениот коруптивен менталитет.

Поврзани новости