Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Струга, Мирче Аџиоски, ја повика Нола Исмајлоска Старова, која гласаше за уставните измени, да го врати мандатот, како што рече, затоа што 7700 стружани кои гласаа на предходните парламентарни избори не и дале легитимитет да гласа за промена на Уставот и името на Република Македонија.
-Бевме сведоци на најголемото предавство во поновата историја на Република Македонија. Се изврши насилство врз државата, но пред се, врз македонскиот народ, без да се почитува волјата на граѓаните, која што беше јасно искажана на референдумот. Се докажаа аспирациите на Зоран Заев и неколку луѓе околу него, кои по секоја цена, без да се бираат средства успеаја да обезбедат 2/3 (двотретинско) мнозинство, за жал со помош од 8 пратеници на опозицијата, меѓу кои и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Струга, Нола Исмајлоска Старова. Вие пратеничке, ги изневеривте вашите сограѓани, ја изневеривте државата во која живеете и загазивте врз волјата на граѓаните на Република Македонија. Зарем вреди да се живее со предавство и жигот кој сами си го закачивте на вашето име?! Зарем нашето име има цена, па се одродивте и одрековте од него?! – изјави Аџиоски.