Движењето Самоопределување (ВВ) објави вечерва дека денешната средба со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), во обид да се постигне договор за формирање заедничка влада на овие две партии кои победија на октомвриските парламентарни избори, заврши без резултат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Преговарачките тимови на двете партии на попладневниот состанок во косовското Собрание ги водеа лидерите на двете партии, Албин Курти, кој е и мандатар за состав на новата влада, и поранешниот премиер Иса Мустафа.
– Денеска попладне во Собранието на Косово се одржа уште една средба меѓу ВВ и ЛДК. Договор не се постигна, се вели во соопштението на ВВ.
Партијата на Курти најави дека преговорите на двете партии ќе продолжат утре, а на средбата ќе присуствуваат и шефицата на Канцеларијата на Европската унија (ЕУ) во Приштина Наталија Апостолова и амбасадорите на земјите од таканаречената „Група Квинт“, односно петте најмоќни држави акредитирани во Косово – САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија.
Медиумите кои чекаа во Собрание да добијат информации за резултатот на денешните над тричасовни преговори, објавија дека двата партиски тима воопшто не се појавиле пред новинарите, односно по завршувањето на средбата го напуштиле Собранието без да бидат забележани од нив.
Курти, како лидер на ВВ, односно на партијата победничка на парламентарните избори во Косово, го доби мандатот за формирање на новата влада на Косово минатиот понеделник, на 20 јануари, по што почна да тече рокот од 15 дена во кој треба да го предложи на Собранието составот на неговиот иден кабинет.
Досега опозициските ВВ и ЛДК, како второрангирана партија на изборите, ги започнаа преговорите за коалиција речиси веднаш по затворањето на гласачките места на 6 октомври, меѓутоа се уште не успеваат да се договорат околу поделбата на функциите.