СДСМ, ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера излегоа пред јавноста и соопштија дека се подготвени за одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април годинава. Можноста за одложување на парламентарните избори е единствена точка на дневниот ред на лидерската средба што за денеска ја свика шефот на државата Стево Пендаровски.
Претседателот Пендаровски во вила „Водно“ денеска ќе биде домаќин на лидерите на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците.
Тој не гледа проблем во одложувањето на изборите.
– Не гледам проблем да се одложат изборите, впрочем мислам дека јавноста е веќе информирана во 12 часот ќе има лидерска средба со една единствена точка на дневниот ред во контекст на ова што ни се случува и нам и на сите во регионот и на сите во светот практично, да се одложат изборите. Денеска со официјален допис мониторинг мисијата на ОБСЕ, ОДИХР ја откажа таа своја мисија и за два до три дена и физички се повлекува од државата, истакна синоќа претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера изјави дека се за строго почитување на мерките и препораките за заштита од ширање на коронавирусот, а во таа насока и одложување на претстојните парламентарни избори закажани на 12 април.
-Ние како најголема владејачка партија го препорачуваме тоа, но кога носите вакви одлуки мора да одмерите што ако дај боже предвреме порано заврши кризната состојба, па какви би биле последиците од пролонгирањето на изборите врз економијата. Мора да ги измерите, да ги извагате сите работи, рече Заев.
Смета дека е добро што и опозицијата се согласува изборите да се одложат.
-Тоа е добро, еве не приближува до ставовите и верувам дека заеднички ќе изградиме став прво за одлука за одложување на изборите, а после тоа и заедно да го дефинираме денот на одржување на изборите, рече Заев. Истакна дека постојат повеќе аргументи за тоа кога би требало да бидат одржани изборите, но додаде оти најважаен и одлучувачки е јавното здравје во државата. Верува дека постојат начини како да се искоординираат сите и заедно да бидат донесени одлуките околу одложувањето и околу одредувањето на новиот датум за одржување вонредни парламентарни избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека одржување избори ќе значи директно изложување на илјадници граѓани на ризик по нивното здравје и ширење на коронавирусот.
-Јас без трошка колебање го избирам интересот на државата и граѓаните. Потребно е одговорно однесување. Борба за власт по цена на живот е неприфатлива, рече вчера на прес-конференција Мицкоски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети преку соопштение најави дека партиски приоритет е јавното здравје и справување со коронавирусот и оти би прифатиле одложување на изборите и кампањата.
-Апсолутен приоритет на секој од нас, особено ние што сме во јавна служба, е граѓанинот и јавното здравје. Изборите и кампањата се последни во агендата на нашите приоритети, затоа што сите наши човечки, интелектуални и институционални капацитети ги ставивме на располагање на победа во заедничката борба против вирусот, посочува Ахмети.
Според него, сега треба да се победи вирусот, а со изборите и кампањата треба да се занимаваат откако ќе се победи оваа закана.
Здравјето на граѓаните е поважно од секоја политичка калкулација, соопшти Движењето Беса, наведувајќи дека тие како политички субјект се придружуваат на повикот за одложување на изборите за некој друг посоодветен период.
Во соопштението на Движењето Беса се нагласува дека парламентарните избори треба треба да се одржат тогаш кога целосно ќе биде елиминирана опасноста од вирусот Ковид-19.
Алтернатива смета дека предвидените избори за 12 април 2020 треба да се одложат за еден друг термин, кој ќе биде одреден од сите политички партии во земјата. Најавуваат дека и на лидерската средба ќе останат на ставот дека изборите треба да се одложат и да се одржат во нормални услови.
Либерално-демократската партија, пак, ги повикува политичките партии на лидерската средба да ги одложат парламентарните избори и да закажат нов термин за октомври. ЛДП ги повикува сите партии да се водат пред се од интересот на здравјето на македонските граѓани.