Изминува првата недела од кампањата за Локалните избори 2021 закажани на 17 октомври. Се интензивираат партиските и активностите на независните кандидати за градоначалници и советници. За денеска се најавени повеќе митинзи и средби на кои граѓаните во 80 -те општини и Градот Скопје ќе можат да ги слушнат понудите на партиските и независните кандидати.
Коалицијата предводена од СДСМ централни собири ќе одржи во Делчево, Виница и Демир Капија, ВМРО-ДПМНЕ во Маврово-Ростуше, Јегуновце, Тетово, Брвеница, Теарце и Гостивар, ДУИ ќе биде во Велес. Левица во Градскиот парк во Скопје ќе одржи митинг и претставување на независниот кандидат за градоначалник Петар Георгиевски-Камиказа за кого даваат поддршка. Зелен хуман град и кандидатката за градоначалник Ана Петровска ќе одржат средби во скопската општина Центар и дебата за енергетска ефикасност. Во Градскиот парк во Скопје претставување на своите кандидати ќе има и партијата Твоја. Активности имаат најавено и другите кандидати за градоначалници на Скопје.
Политичките партии и независните кандидати своите програми за локалните избори ги претставија во повеќе градови и населени места. Тие ги повикуваат граѓаните што помасовно да излезат на Локалните избори 2021 и да го дадат својот глас. Во фокусот на говорите на партиските лидери не доминираат само теми поврзани само со локалните потреби на граѓаните туку и теми поврзани со пописот, успесите во изминатите години, предвремени избори, криминал, корупција, здравствената криза поради ковид-19…
Изборната кампања за Локалните избори 2021 започна на 27 септември, а треба да заврши на 15 октомври.