Во тек е процесот за формирање на работната група која ќе треба да ги изработи уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Како што информираат од Министерството за правда за „Фокус“, поканите до партиите да предложат свој претставник биле испратени по пошта завчера, а крајниот рок за номинирање претставник е до 10-то април.
Вo работната група ќе учествуваат само претставници на парламентарните политички партии и експерти по уставно право. И од Министерството за правда потврдуваат дека претставник од Бугарија во ова тело нема да има, иако такво барање беше упатено од бугарскиот министер за надворешни работи.
Планот е групата да започне со работа кон средината на април. Засега не е дефинирано по која методологија ќе работи, како ќе се одлучува и дали ќе има мандат само за внесување на Бугарите во Уставот или доколку се појават и други барања од партиите, ќе одлучува и за нив.
Очекуваме работната група да започне со работа во средината на месец април. Методологијата и начинот на работа ќе ги утврди работната група, велат од Министерството за правда за „Фокус“.
ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека нема да учествува во работната група, а Мицкоски изјави дека вакви групи се формираат откако Собранието ќе ја изгласа потребата за уставни измени.
Тој побара власта да се изјасни дали е за хрватскиот модел, според кој „Република Македонија се дефинира како држава на македонскиот народ и на малцинствата…“. Овој предлог нема да го достави до работната група за уставни измени, но подготвен е да го образложи на лидерска средба, независно дали истата ќе ја организира претседателот или премиерот.
Катерина Смилева Божиновска