Учесниците на парламентарните избори викендов ги промовираат кандидатите за пратеници. За денеска промоции имаат најавено СДСМ и Коалицијата за европска иднина и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, а вчера своите кандидати за пратеници ги промовираше коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
На промоцијата на СДСМ најавени се обраќања на носителите и коносителите од сите шест изборни единици, односно на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, претседателката на ЛДП Моника Зајкова, Оливер Спасовски, Фатмир Битиќи, Сања Лукаревска, Љупчо Николовски, Венко Филипче, Јована Тренчевска, Јован Митрески, Бисера Костадиновска Стојчевска, Славјанка Петровска и Агрон Демири.
И Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, денеска на прес-конференција ќе ги презентира кандидатските листи за пратеници.
Вчера, на конвенција и ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ ги промовираа носителите на листи и кандидатите за пратеници.
Во Првата изборна единица носител на листата е лидерот на партијата Христијан Мицкоски, во Втората – Владо Мисајловски, во Третата – Драган Ковачки, во Четвртата – Александар Николовски, во Петата – Ѓоргија Сајкоски и во Шестата – Дафина Стојановска.
Мицкоски рече дека настапуваат со чесни и искрени луѓе со интегритет во кои, како што посочи, силно верува. Упати порака и до кандидатите за пратеници дека одговорноста е огромна и дека лично него ќе го имаат за противник доколку направат чекор со кој ќе нанесат штета и болка на било кого.
Истакна дека овие избори ќе бидат историски важни и клучни не само за да се поправат работите, туку, како што рече, и затоа што се шанса да се испрати порака на оние кои со децении ја ограбуваат земјата.
Учесниците на изборите до 2 април треба да ги достават кандидатските листи за пратеници до Државната изборна комисија.
Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, веќе се искристализирани пет коалиции и две партии кои ќе одат самостојно. Тоа се „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ и коалицијата „ВРЕДИ“ на албанската опозиција. Самостојно на изборите, според досегашните најави, одат ЗНАМ – За наша Македонија и партијата „Левица“.
Кон Коалицијата „Европски фронт“ синоќа се приклучи и крилото од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека е потребна мирна кампања, а Европскиот фронт, според него, го има најголемиот човечки капитал којшто ќе ги води процесите напред заедно со Турците, Ромите, Бошњаците.