Само неколку дена не делат од најдобриот дочек на Новата… Македонија, се гледаме – порачаа денес на својата официјална страница од бендот Парни Ваљак, кој ќе ги забавува присутните за време на Новогодишната прослава на плоштадот Македонија во Скопје.
Хрватската рок група на чело со вокалистот Аки Ракимовски ќе биде главната музичка атракција на дочекот, а пред нив ќе настапат неколку домашни пејачи и рок бенд од Косово. По завршувањето на настапот на Парни Ваљак, музика ќе пушта диџеј.
,,Македонски телеком” бил спонзорот кој помогнал да се донесе бендот во Скопје, информираше градоначалникот Петре Шилегов минатата недела.
Сумата за која ќе настапи Парни Ваљак не е позната, но вообичаено е музичарите за настап на Новогодишната ноќ да добиваат поголем хонорар од оној кој им се исплаќа за настап во друг период од годината. Така на пример, за нивниот концерт во Велес на манифестацијата Питијада, пред неколку години, бендот добил хонорар од 28.856 евра, за настап во траење од еден час и 45 минути. Сумата јавно ја откри градоначалникот Аце Коцевски.
Новогодишната атмосфера, односно украсувањето на градот изнесува 230.000 евра заедно со огнометот кој ќе се случи на полноќ. За Новогодишната населба Винтерленд се одвоиле околу 90.000 евра.
Вики Клинчарова