Собранието денеска треба да одржи седницата на чиј дневен ред ќе биде изборот на претседатели, заменици-претседатели, членови и заменици-членови на собраниските комисии.
Седницата според распоредот на официјалната веб-страница на парламентот треба да започне во 11 часот.
Политичките партии постигнаа консензус за составот на работните тела во Собранието, а за оваа точка во петокот се одржа и седница на Комисијата за прашања на избори и именување.
ВМРО-ДПМНЕ, согласно собранискиот Деловник, кој предвидува опозицијата да претседава со надзорните комисии, по автоматизам ги доби комисиите за финансирање и буџет и за надзор на Агенцијата за безбедност и на Агенцијата за разузнавање, како и за надзор на мерките за следење на комуникациите. Опозицијата треба да има и претседател на Националниот совет за европски прашања. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на чело и на Комисијата за надворешна политика, Комисијата за транспорт и врски, Комисијата за локална самоуправа, Комисијата за еднакви можности. Коалицискиот партнер на опозициската партија – Социјалистичката партија, ќе претседава со Комисијата за земјоделство.
СДСМ ќе ги предводи Комисијата за европски прашања, Законодавно-правната комисија, како и комисиите за одбрана, за политички систем и за образование.
ДУИ, пак, по автоматизам ја доби Комисијата за уставни прашања на чие чело ќе биде Талат Џафери како претседател на Собранието. Интегративците ќе ги водат и Комисијата за европски прашања, Комисијата за здравство.
Алтернатива ќе претседава со Комисијата за труд и социјална политика, Алијанса за Албанците со Анкетната Комисија, Беса со Комисијата за култура.
На дневен ред на денешната седница во Собранието е и верификацијата на мандат на нова пратеничка која треба да влезе на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.