Денеска во Косово се одржуваат парламентарни избори, на кои право на глас имаат вкупно 2.075.868 граѓани. Тие можат да гласаат на 941 избирачки центар и 2.533 гласачки места ширум земјата.
Според официјалните податоци, 1.970.944 граѓани се регистрирани за гласање во Косово, додека 104.924 лица од дијаспората го искористија своето избирачко право вчера, гласајќи во 30 дипломатски претставништва во 19 различни земји.
Ова се деветти парламентарни избори во земјата од прогласувањето на независноста. На нив учествуваат 28 политички субјекти, меѓу кои 19 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Покрај тоа, во изборната трка се вклучени и шест политички субјекти кои ја претставуваат српската заедница.
Според предизборните анкети и анализите на политичките експерти, главната битка се очекува да се води помеѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово предводена од Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово со лидерoт Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај.
Косовското Собрание брои 120 пратенички места, од кои 20 се резервирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има загарантирани 10 места, додека бошњачката има три, турската два, а ромската заедница (РАЕ) четири. Горанската заедница располага со едно пратеничко место. Изборниот праг за влез во парламентот изнесува пет проценти.