Паркингот во Центар поскапува за 20 денари

by fokus

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар” соопшти дека го поскапува паркингот од 8 јануари, односно веднаш по божижните празници. Старата цена од 40 денари по час, сега се зголемува за дополнителни 20 денари.

Од претпријатието на Општина Центар велат дека ваквата мерка се носи со цел да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење.

-Во Општина Центар живеат повеќе од 45.000 жители кои секојдневно се соочуваат со сериозен проблем со паркирањето и поминуваат по неколку часа во нивните автомобили барајќи слободно паркинг место. Со цел да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови, од 8 јануари 2020 година, цените за паркинг за 1 час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе се покачат за 20 денари, се вели во соопштението на ПОЦ.

Ова покачување се однесува само за паркиралиштата со наплата, додека цените за месечниот билет, дневната паркинг карта и останатите услуги на ЈП ПОЦ остануваат исти. Жителите на Општина Центар и понатаму ќе можат бесплатно да ги користат комерцијалните паркиралишта и монтажните гаражи.

-Одлуката за усвојување на новиот Ценовник на услуги и надоместоци на јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на Општина Центар, едногласно беше изгласана од советниците на сите политички партии на последната седница на Советот на Општина Центар, додаваат од таму.

 

Поврзани новости