Владата на вчерашната седница донесе одлука земјиштето на паркингот во кругот на Клиничкиот центар да премине во државна сопственост, а истовремено беа обезбедени средства за набавка на 100 нови амбулантни возила, со цел унапредување на возниот парк во јавното здравство.
Станува збор за набавка на 100 амбулантни возила со целосна медицинска опрема, наменети за јавните здравствени установи низ државата. За оваа намена се обезбедени 461.250.000 денари, кои ќе се реализираат преку преземање обврски во рамки на развојниот дел од буџетот во наредните четири години.
„Со оваа одлука обезбедуваме побрза и поефикасна интервенција во итни случаи, навремен транспорт на пациенти до секундарно и терциерно ниво, како и подобра покриеност и во урбаните и во руралните средини“, изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Воедно, продолжува постапката за трајно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Земјиштето на паркинг-просторот ќе се запише како сопственост на Република Северна Македонија, со што ќе се отстрани административната пречка за склучување договор со ЈП „Градски паркинг – Скопје“.
Со договорот се предвидува модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање, како и воспоставување ред во кругот на Клиничкиот центар.
„Планираме комплетен мониторинг на паркирањето, информативни табли и дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните. Нашата цел е пациентите и вработените да имаат функционален, безбеден и организиран пристап до клиничкиот комплекс“, додаде Алиу.