Париз штеди енергија, Ајфеловата кула ќе ги гаси светлата еден час порано

by fokus

За да заштеди енергија во текот на претстојната зима, Париз ќе ги исклучи светлата на Ајфеловата кула еден час порано од вообичаеното, ќе ја намали температурата на водата во градските базени и ќе го одложи почетокот на греењето во јавните згради, најави денеска градоначалничката на Париз, Ан Идалго.

Целта на овие мерки е да се исполнат целите наведени од претседателот Емануел Макрон, кои се однесуваат на индустријата, домаќинствата и општинските власти да ја намалат потрошувачката на енергија за 10 отсто, со оглед на руското намалување на испораките на гас и цените на енергијата.

И покрај сето ова, Идалго изјави дека „Париз секогаш ќе биде град на светлината“.

Најпрепознатливиот симбол на Париз, Ајфеловата кула моментално е осветлена до 1 часот по полноќ со посебен систем за осветлување што и дава треперлив златен сјај.

Исклучувањето на светлата во 23:45 часот ќе овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 4 проценти.

Идалго најави и дека од 23 септември светлата во јавните згради во Париз ќе бидат исклучени во 22 часот, а температурата на водата во јавните базени ќе се намали од 26 на 25 степени Целзиусови.

Греењето во јавните згради ќе се спушти до 18 степени Целзиусови.

Сметката за енергија на француската престолнина годинава ќе изнесува 90 милиони евра, што е за 35 милиони повеќе од вообичаеното.

Поврзани новости