Повикувајќи се на дипломатски извори во Советот на ЕУ, Агенција Европа пренесува дека ставот на Франција за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија не е променет во однос на јуни.
Како што јави МИА вчера, на последниот амбасадорски состанок немало напредок во дискусијата за стартот на преговори со двете земји кандидати.
-Ништо не е сменето, вели изворот на Агенција Европа.
Според медиумот „неколку земји“ сѐ уште имаат резерви за отпочнувањето преговори со двете земји. Франција и Данска немаат сѐ уште став, но „Франција не покажа голем оптимизам“, дознава Агенција Европа од свои извори.
МИА вчера јави, повикувајќи се на свои извори, дека пораката од Франција е дека крајната одлука ќе ја донесе самиот претседател Емануел Макрон, и оти не е исклучено тоа да се случи на Европскиот Совет на 17-ти октомври, наместо на министерскиот состанок во Луксембург на 15-ти.
Агенција Европа потврдува дека Холандија на вчерашниот амбасадорски состанок се покажала воздржана за отворањето преговори со Албанија, и потсетува дека германскиот парламент иако поддржува старт на преговори со Тирана смета дека земјата треба претходно да исполни одреден број услови.
Нова рунда разговори на оваа тема е закажана на 9-ти октомври на амбасадорско ниво во Брисел.