Во тек на вчерашниот ден „Фокус“ објави апел од пензионерката В.Ј.(67) од Неготино, која го изгубила паричникот во кој носела пари кои и биле потребни за лекување. Таа ги замоли своите сограѓани од Неготино, доколку го најдат црниот паричник, кој го изгубила во населбата Саат Кула, да и го вратат, појаснувајќи дека денарите и еврата кои ги носела во него и се неопходни за потребните терапии, бидејќи имала канцер.
Исто така, во паричникот носела и лични документи, како и документи потребни за прием на Онкологија.
Денес, во разговор за „Фокус“ жената појаснува дека никој не и се јавил, и не и бил вратен паричникот кој го изгубила на пат кон блиската продавница. И покрај вчерашната објава, во која беше појаснето дека се работи за лице кое се бори со тешка болест и средствата се наменети за лекови, сепак, човечноста не проработи кај наоѓачот на паричникот.
-Останав без парите, ама замолувам ако има останато барем малку емпатија, да ми се вратат личните документи, и што е најважно, картончето од Онкологија, каде ми е запишан бројот. Таму, не не повикуваат со име и презиме, туку токму со тој број. Без него, не можам да се лекувам, немам време, ниту пак сили да тргнам по нови документи, исцрпена сум. Замолувам за разбирање, кој и да го зел паричникот, барем овие документи да ми ги врати. Нека ги остави на некое видно место, покрај продавница, на клупа на плоштад, било каде, од каде ќе може некој сограѓанин да ги види. Кој и да ги најде, нека ги однесе во полиција, замолува пензионерката.
Во тек на вчерашниот ден, кога се објави веста за изгубениот паричник со пари за лекување, бројни граѓани од Неготино на социјалните мрежи излегоа со иницијатива да се соберат потребните средства по пат на донации и да и се помогне на жената.
Таа се заблагодарува на сите за поддршката и понудената помош, но вели дека нема потреба од такво нешто, бидејќи семејството веднаш и излегло во пресрет.
– Само документите ми се важни сега, а најмногу бројчето од Онкологија. Сакам да верувам дека ќе проработи човечноста и дека наоѓачот ќе покаже разбирање, па ќе ги остави документите некаде на видно место, за да можат да бидат најдени и вратени, замолува жената од Неготино.
Вики Клинчарова