По три години пауза во Велес повторно ќе се одржи популарната општинска манифестација Питијада, а музичките гости кои ќе ги забавуваат посетителите за време на тридневниот настан ќе бидат само домашни пејачи.
Годинава Питијада ќе трае од седми до деветти октомври, а бината ќе биде резервирана за Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, ДНК, Фолтин, Љубојна, The Hounds, Лозано, Нокаут, Каролина Гочева…
Велешкиот градоначалник Марко Колев за „Фокус“ вели дека едногласно била донесена одлуката годинава на манифестацијата да настапуваат само домашни музичари.
-Одлуката е донесена со цел да се помогне македонското стопанство, парите да останат во земјава. Не можам да направам проценка колку народ ќе дојде на настанот, да ги проследи настапите на нашите поп и фолк ѕвезди, но тие ја заслужуваат поддршката – вели Колев.
Од општината за Питијада 2022 се одвоени 2,5 милиони денари, како и околу еден милион денари од спонзори. Манифестацијата е настан на кој се промовира велешкиот гастрономски специјалитет, традиционалната велешка пита.
Во минатото најчесто музички гости беа големи естрадни имиња од регионот, како на пример Здравко Чолиќ, Парни Ваљак, Рибља чорба, Ван Гог, Жељко Јоксимовиќ и други. За време на нивните концерти доаѓаа десетици илјади посетители од целата земја, и се продаваа десетици илјади пастрмајлии за време на настанот.
Претходниот градоначалник Аце Коцевски, кога дојде на функција во 2017 година изјави дека ќе ја прекине традицијата да се носат музичари од странство на настанот, и Питијадата ќе биде манифестација на која ќе пеат домашни изведувачи.
Вики Клинчарова