Паричникот од Мицкоски купен во Будимпешта за 440 долари?

by fokus

Паричникот од луксузниот моден бренд ,,Луј Витон” кој вчера за време на ТВ дебатата Христијан Мицкоски сакаше да му го подари на екс премиерот Зоран Заев, секако доколку е оригинал, не е купен од Македонија, бидејќи во нашата земја официјално, продавници на Витон нема.

Истиот модел, како што е наведено на официјалната страница на ,,Луј Витон” може да се купи во Будимпешта, Унгарија, каде што го има на лагер во моментот. Цената му е 440 долари.

Будимпешта е најблиската локација каде што се продава паричникот, а на други локации во регионот се продава во Атина, соседна Грција и во Италија, и тоа во овластените продавници на модниот гигант во Рим, Бари, Неaпoл и на островот Капри. Во соседна Србија, Бугарија, Хрватска… го нема на продажба.

Доколку, пак, станува збор за фалсификат на познатиот бренд, познато е дека токму ташните и паричниците на ,,Луј Витон” се едни од најкопираните во светот.

Продажбата на фалсификуваната роба е доста актуелна насекаде, и покрај тоа што е кривично дело.

Според Европскиот Потрошувачки Центар, во различни земји владеат различни казни за фалсификување, но и за купување на фалсификувана роба.

Во некои земји запленетата фалсификувана роба само се уништува, додека пак во Белгија ако некој е затекнат со фалсификат, може да плати казна од 500 до 100.000 евра.

Во Ирска на пример, ако некој внесе фалсификувана роба, се смета за криминалец. Туристи можат да завршат и до 12 месеци во затвор, во зависност од вистинската вредност на копираниот предмет. Ако се работи за копија на предмет чиј оригинал е поскап од 250.000 евра, посетителот може да заврши во затвор и до пет години.
Кога му го подари паричникот вчера, Мицкоски му рече на Заев дека е празен, но тоа бил духот во кој живее државата. Заев не го прифати подарокот.

Денес пак, Мицкоски изјави дека се забавувал за време на дебатата со неговиот политички противник. Од каде и за колку пари го купил паричникот, и дали е оригинален луксузен примерок, не спомна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости