ОЈО Кавадарци, денеска поднело четири предлога за издавање казнени налози против лица кои го сториле кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетите во одделни кривично правни настани не ги почитувале мерките за спречување или сузбивање на опасна заразна болест коронавирус Ковид- 19 и не постапиле по определените прописи и упатства за сузбивање и спречување на заразна болест.
– Еден од обвинетите пристигнал во земјава на 17 март од Република Србија патувајќи од држави со среден и висок ризик за ширење на коронавирусот и согласно мерките бил должен во период од 14 дена да не го напушта престојувалиштето што го пријавил како место каде ќе ја спроведе задолжителната самоизолација. При вршење на контрола од страна на полициските службеници, на 18 март, не бил затекнат дома, соопшти Јавното обвинителство.
Двајца од обвинетите, како што велат од ЈО, пристигнале од Грција на 18 март, потпишале изјави за самоизолација и биле должни да ги почитуваат здравствените прописи. Но и покрај обврската за самоизолација не биле затекнати во нивните домови на 19 март, кога надлежните служби извршиле контрола.
Четвртиот обвинет пак на 19 март на граничниот премин „Деве Баир“ пречекал лице кое се враќало од престој во САД. Согласно Одлуката на домашните органи, обвинетиот потпишал изјава за самоизолација поради тоа што бил во контакт со лице кое дошло од земја со висок ризик од зараза. Но, при извршена контрола не бил затекнат во домот каде требало да ја извршува должноста за самоизолација.
– Постапувајќи спротивно на мерките за спречување на внесување и ширење на коронавирусот, обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар за што обвинителството побара изрекување парична казна во висина од по 2.000 евра во денарска противвредност за секој обвинет, информираат од Јавното обвинителство.