Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско изјави дека црквата работи на борба против педофилијата, но изрази жалење што некои во институцијата сè уште тоа не го сфаќаат јасно.
-За еден свештеник, (сексуалната) злоупотреба е како да се оди против природата на свештеникот и против својата социјална природа. Затоа тоа е трагична работа и не смееме да престанеме да се бориме против ова зло – изјави папата пред новинарите во авионот кој се враќаше од повеќедневна посета на Бахреин.
Папата Франциск рече дека прават најдобро што можат, но додаде дека во Црквата има луѓе „кои тоа се уште не го разбираат“.
-Тоа е тековен процес што го спроведуваме храбро, но не сите ја имаат таа храброст. Некои работи беа скриени, а пред скандалот во Бостон, свештениците беа префрлени во други парохии. Сега се е јасно и ние одиме напред по ова прашање – рече папата, алудирајќи на серијата скандали со педофилија во САД на почетокот на 21 век.