Папата Франциск ја осуди „адолесцентната воинственост“ која ја врати војната на територијата на Европа. Тој од Унгарија порача дека континентот мора да го обнови духот на мирно единство за да се спротивстави на војната што Русија ја води против Украина.
Папата ја истакна својата визија за иднината на Европа на почетокот на неговата тридневна посета на Унгарија. Побара од ЕУ да одобри безбедни и легални патишта за влез на мигрантите на нејзина територија, а унгарската влада да не ја прави Европа „заложник“ на популистичките барања.
Франциск потсети на идеалите кои беа основа за создавање на Унијата и изрази жалење што тие идеали се заменети со подемот на национализмот.
„Се чини дека сме сведоци на тажниот самрак на тој хорски сон за мир и дека солистите на војната имаат предност. На овој историски крстопат, Европа е клучна. Таа е повикана да ја преземе својата вистинска улога, а тоа е да ги обедини отуѓените и да им посака добредојде на другите народи и да одбие кого било да го смета за вечен непријател“ рече папата.