Пред околу 100.000 верници на плоштадот Свети Петар во Ватикан поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, во денешната велигденска порака „До градот и светот“ ги осуди бројните „камења на сопнување“ на патот кон мирот во светот, од Украина преку Блискиот Исток до меѓународниот тероризам.
-Утешете ги ранетите и оние кои ги загубија своите најблиски поради оваа војна и погрижете се заробениците да се вратат живи и здрави во своите семејства, рече папата и ја повика меѓународната заедница „да стави крај на оваа војна, како и на сите крвави конфликти во светот“.
Наведувајќи околу 20 земји, водачот на 1,3 милијарди католици зборуваше за Либан „кој сè уште бара стабилност и единство“, Тунис и „неговите (социјални и економски) проблеми“, „тешката социо-политичка и хуманитарна криза“ на Хаити и за „жртвите на меѓународниот тероризам“ во Буркина Фасо, Мали, Мозамбик и Нигерија.
Тој ги спомена и жртвите од земјотресот што ги погоди Турција и Сирија во февруари, во кој загинаа повеќе од 56.000 луѓе, а штетата се проценува на стотици милијарди евра.
Пред пораката, Папата ја предводеше велигденската миса и во својот папамобил помина низ луѓето собрани на плоштадот Свети Петар, благословувајќи ги верниците во топла атмосфера.