Папата Франциск помина мирна ноќ во болница и појадуваше, објави Ватикан во најновиот извештај за кревкото здравје на Папата.
Франциск има билатерална пневмонија, објави во вторникот Ватикан, што го отежнува лекувањето на 88-годишниот папа, кој на 14 февруари беше примен во римската болница „Гемели“.
Билатералната пневмонија е сериозна инфекција која може да предизвика воспаление и лузни на двете белодробни крила и да го отежне дишењето.
Ватикан во понеделникот соопшти дека лекарите по вторпат го промениле третманот на папата за време на неговиот престој во болница за да одговорат на сложената клиничка слика.
Франциск, кој е папа од 2013 година, неколкупати имал грип и други здравствени проблеми во последните две години.
Како млад му се појавил плеврит и морал да му биде отстранет дел од едното белодробно крило, па во последно време е склон на белодробни инфекции.