Папата им ги изми нозете на 12 затворенички во Рим

by Fokus

Папата Франциско им ги изми и бакна нозете на 12 затворенички во римски затвор, во симболичен обред на понизност и служба на Велики четврток.

Папата попладнето го посети женскиот затвор Ребибија, кој се наоѓа во североисточниот дел на италијанската престолнина.

Седејќи во инвалидска количка, 87-годишниот папа им ги изми нозете на сите 12 затворенички, од кои некои беа во солзи, пред да ги избрише со крпа и да ги бакне.

Светиот Отец се чинеше дека е во добра форма, иако последниве денови во медиумите се шпекулираше за неговата здравствена состојба поради честите инфекции кои во неколку наврати го спречуваа да ги заврши своите говори.

„Сите ние доживуваме мали и големи неуспеси“, рече Френциско за време на мисата што се одржа во затворот каде што се притворени 370 жени.

Неколку минути претходно папата со насмевка се ракуваше со затвореничките. Во христијанската традиција, Велики четврток го означува денот кога Исус им ги измил нозете на апостолите за време на Тајната вечера.

Од неговото назначување во 2013 година, Франциско е чест посетител на затворите и прифатните центри за бегалци, каде што им ги миел нозете на поранешните мафијаши, болни или маргинализирани луѓе.

Се очекува утре (петок) да го предводи Крстниот пат во Колосеумот.

Поврзани новости