Папата Франциско денеска ќе ја чита неделната молитва Ангел Господов од капелата на неговата резиденција во Ватикан, а не од прозорецот кој гледа на плоштадот Свети Петар.
Папата во саботата беше подложен на скенер во болница во Рим, со што исклучени се компликации на белите дробови, откако грип го принуди папата да ги откаже своите активности, пренесува Ројтерс.
Според Ватикан, папата ќе зборува од капелата во неговата резиденција за да избегне излегување надвор и одење во Апостолската палата.
Обраќањето на папата ќе биде емитувано на големите екрани до народот собран на плоштадот Свети Петар, како и на телевизиските и интернет каналите, додава Ватикан, без да наведе детали за здравствената состојба на 86-годишниот папа.
Засега се уште е планирана посетата на Папата на Дубаи, каде што е предвидено да отпатува в петок за да присуствува на Конференцијата на ОН за климатски промени.
Папата го прескокна говорот на почетокот на овој месец, се подготвуваше за средба со европските рабини, бидејќи беше настинат, но изгледаше дека е во добра здравствена состојба кога се сретна со децата неколку часа подоцна.
Во јуни, папата помина девет дена во болница откако беше подложен на операција на абдоминална хернија.