Почит за „не лесниот пат што доведе до Договорот од Преспа, потпишан меѓу Грција и Северна Македонија“, изрази папата Франциск во неговото обраќање за време на свеченоста во претседателската палата во Атина, во присуство на претставници на грчкиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.
Папата, ги спомена актуелните предизвици, климата, пандемијата, заедничкиот пазар и, пред сè, широко распространетоста на сиромаштија, направи паралела со Одисеј од епот на Хомер, истакнувајќи дека се „предизвици кои бараат од нас конкретно и активно да соработуваме“.
-Тоа ѝ е потребно на меѓународната заедница, за да отвори патишта за мир преку мултилатерализам, кој нема да заврши да биде задушен од прекумерните националистички претензии. Ова ѝ е потребно на политиката, за да ги стави заедничките потреби пред приватните интереси. Можеби изгледа како утопија, безнадежно патување во бурно море, долга и недостижна одисеја. Сепак, патувањето во разбранувано море, како што учи големиот хомерски еп, често е единствениот пат. А до целта стигнува ако е водена од желбата за домот, од потрагата заедно да одиме напред, од „nostos algos“, од носталгијата. Во таа насока, би сакал да ја обновам мојата почит за тешкиот пат што доведе до „Договорот од Преспа“, потпишан меѓу оваа Република и таа на Северна Македонија, порача папата во неговото обраќање.
На присутните, во Премиерската палата во Атина, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од неговата Влада, претставници на црквата, како и новинари, говор одржа и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.
Папата Франциск утрово пристигна во тридневна посета на Грција и оствари средби како со Сакалеропулу, така и со Мицотакис.