Папата Франциск: Не ја користете пченицата како воено оружје

by Fokus

Властите да ја прекинат блокадата на извозот на пченица од Украина, повика денеска папата Франциск од Ватикан, јавија странски медиуми.

Тој смета оти пченицата не смее да се користи како „воено оружје“.

– Блокирањето на извозот на пченица од Украина навистина загрижува, затоа што од неа зависат животи на милиони луѓе, особено во сиромашните земји, додаде папата.

Тој „од срце повика да се вложат сите можни напори за да се реши проблемот, за да се гарантира универзалното право на храна“.

Обединетите Нации предупредуваат дека се влошува глобалната прехранбена криза и се обидуваат да договорат запирање на блокадата на извозот на укранските житарици.

Западни официјални лица ја обвинуваат Русија дека го уценува светот со храна.

Војната во Украина и санкциите против Русија предизвикаа голем раст на цените на житото, маслото за јадење, вештачките ѓубрива и на енергентите.

Папата често ја осудува инвазијата на Украина. Но, денеска за првпат зборуваше за глобална прехранбена криза, наведуваат медиуми.

Поврзани новости