Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск денеска отслужи миса на плоштадот „Македонија“ во Скопје на која присуствуваа околу 15.000 граѓани од земајава, како и верници од странство.
Папата упати пораки пораки за мир, соживот, за поголема љубов кон Бога и кон луѓето. Рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг, порача папата Франциск на мисата во Скопје.
Понтифот на Римокатоличката црква, кој престојува во апостолска посета на земјава, на плоштадот дојде со т.н. „папамобил“, каде што беше пречекан од мноштвото собрани граѓани.
Во продолжение целосното обраќање од мисата на папата Франциск на плоштадот „Македонија“
„Кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни“, штотуку ни кажа Господ (Ив 6, 35)
Во Евангелието, околу Исус, се концентрира една толпа која сé уште пред очи го имаше умножувањето на лебовите. Еден од тие моменти што остана втиснат во очите и во срцето на првата заедница на ученици. Тоа било за славење… Прослава за откривањето на изобилието и вниманието на Бог кон своите деца, станати браќа во делењето и споделувањето на лебот. Да ја замислиме за момент таа толпа. Нешто се имаше променето. За еден миг, тие жедни и тихи лица кои го следеа Исуса во потрагата за еден збор стануваат во состојба со нивните раце да го допрат и почувствуваат во нивните тела чудото на братството способно да ги наслади и засити.
Господ дојде за да му даде живот на светот и го прави тоа секогаш на начин на кој успева да ги предизвика рестриктивноста на нашите пресметки, просечноста на нашите очекувања и површноста на нашите интелектуализми; ги става на дискусија нашите гледишта и нашите сигурности, канејќи нè да поминеме на еден нов хоризонт што дава место на еден различен начин да се конструира реалноста. Тој е живиот Леб од небото, „кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни“.
Сиот тој народ откри дека гладта за леб имаше исто така и други имиња: глад за Бог, глад за братство, глад за средба и споделено славење.
Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата и завршивме како затвореници на дискредитацијата, на етикетите и презирот; верувавме дека конформизмот ќе ја намали нашата жед и завршивме напоени со рамнодушност и бесчувствителност; се храневме со раскошни и големи соништа и завршивме со јадење одвратност, затвореност и осаменост; се заситивме со поврзувања и го загубивме вкусот на братството. Баравме брз и сигурен резултат и еве се наоѓаме совладани од нетрпеливоста и нервозата. Како затвореници на виртуалноста, го изгубивме вкусот и мирисот на реалноста.
Да кажеме силно и без страв: гладни сме, Господи… Гладни сме, Господи, за лебот на твоето Слово способно да ги отвори нашите затворености и нашите осамености; гладни сме, Господи, за братство каде индиферентноста, дискредитирањето, клеветењето нема да ги наполнат нашите маси и нема да го завземат првото место во нашиот дом. Гладни сме, Господи, за средби во кои твоето Слово ќе биде во состојба да ја издигне надежта, да ја пробуди чувствителноста, да го сочувствува срцето, отварајќи патишта за преобразување и обраќање.
Гладни сме Господи за искусување (за доживување), како онаа толпа, на умножувањето на твоето милосрдие, способно да ги скрши стереотипите и да го делиме и споделуваме сочувството на Отецот кон секоја личност, посебно кон оние за кои никој не се грижи, кои се заборавени или понижени. Да го кажеме тоа силно и без страв, гладни сме за леб, Господи: за лебот на твоето слово и за лебот на братството.
За неколку мига, ќе се придвижиме, ќе одиме на олтарот за да се нахраниме со Лебот на Животот. Следејќи го Господовиот мандат: „кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни“ (Ив 6, 35). И единствено нешто што Господ бара од нас е: дојдете. Не кани да влеземе во од, во движење, во излегување. Нè поттикнува на одење кон Него за да станеме дел од самиот негов живот и од неговата мисија. „Дојдете“, ни вели Господ: едно доаѓање кое не значи само поместување од едно место кон друго, туку способност да можеме да се поместуваме, да го трансформираме Словото во нашите избори, во чувствата, во приоритетите за влегување во авантура за правење на неговите исти гестови и зборување со неговиот ист речник, „речникот на лебот што изразува нежност, пријателство, пожртвувана посветеност на ближните“,1 на конкретната и опиплива љубов бидејќи е секојдневна и реална.
При секоја Евхаристија, Господ се прекршува и се дели и на нас, па, така, нè кани и ние да се прекршиме и да се поделиме заедно со Него и да учествуваме во чудото на умножителот кој сака да стигне и да допре до секој агол од овој град, од оваа земја, од оваа земја со малку нежност и сочувство.
Глад за леб, глад за братство, глад за Бог. Како сето ова многу добро го познаваше Мајка Тереза, која сакаше да го изгради својот живот на два столба: на Исус присутен во Евхаристијата и Исус присутен во сиромасите! Во љубовта што ја добиваме и во љубовта што ја даваме. Два неразделиви столба кои го одбележаа нејзиниот пат, ја придвижија, желна и самата да ја смири својата глад и жед. Таа отиде кај Господ и, во исто време, кај понижениот, несаканиот, самиот и заборавениот брат; отиде кај братот и го најде лицето Господово… Бидејќи знаеше дека „Божјата љубов и љубовта кон ближниот постојат заедно: во најмалиот го среќаваме самиот Исус и во Исус го среќаваме Бог“2, токму таа љубов беше единственото нешто способно да ја засити гладта.
Браќа, денес Воскреснатиот Исус продолжува да оди меѓу нас, таму каде поминува и се живее секојдневниот живот. Го познава нашиот глад и пак ни вели:„кој доаѓа при Мене, нема да огладни, и, кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни“ (Ив 6, 35). Взаемно да се охрабриме да станеме и да го почувствуваме изобилието на неговата љубов; да оставиме Тој да го засити нашиот глад и жед во светата тајна на олтарот и во светата тајна на братот“.