Ние ќе го измериме договорот и на нашата вага ќе натежне една работа: националниот интерес, вели заменичката министерка за цивилна заштита на Грција, Катерина Папакоста, која до лани беше член и пратеник на Нова демократија, а сега како лидер на новоформираната партија НЕО, при последната реконструкција, стана дел од грчката Влада.
– Ќе го измериме договорот, а нашиот критериум ќе биде националниот интерес. Ако договорот му служи на националниот интерес, ќе бидеме позитивни, ако не му служи ќе бидеме негативни, вели заменичката министерка во интервју за грчката телевизија Антена.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Папакоста ги отфрла шпекулациите дека добила министерска позиција во Владата за да гласа за договорот од Преспа.
– Не сме уште еден позитивен глас, поради една многу едноставна причина. Го разграничуваме гласот за доверба за Владата. Од моментот кога НЕО учествува во Владата, секако дека ќе и дадеме доверба на Владата, ова е едното, а другото е договорот сам по себе, вели Папакоста.
Заменичката министерка за цивилна заштита објаснува дека овој договор „пред сѐ се однесува на соседната земја и ќе треба да видиме како оваа таа ќе реши да оди напред“ и пренесе нејзина проценка, дека без да има конкретни информации таа лично не ја исклучува можноста на крај да има „сценарио за еден договор од поразличен тип од денешниот“.