„Во ниту една војна нема вистински победници“ е пораката што денеска ја упати папата Франциск при посетата на Римските воени гробишта, мислејќи на конфликтите на Блискиот Исток и Украина.
Тој со инвалидска количка поминуваше кај надгробните споменици и положи цвеќе на гробиштата каде се чуваат посмртните останки на војниците на Комонвелтот кои загинале во Италија за време на Втората светска војна.
Оваа годинава папата токму на овие гробишта реши да отслужи миса во спомен на починатите на Денот на мртвите.
– Војните се секогаш пораз, секогаш. Никогаш нема целосна победа. Едната страна ја поразува другата, но зад неа секогаш има пораз и цена што мора да се плати – рече папата.
Тој повика на прекин на огнот во Газа и создавање хуманитарни коридори за олеснување на страдањата на нејзините опколени жители.
Кажа и дека Израел има право да се брани од напади и го осуди подемот на антисемитизмот ширум светот.