Пантерот се движи кон потопли краеви, Македонија му е следна дестинација?

by Fokus

Од Апатин, за само неколку дена црниот пантер поминал над 80 километри и стигнал до Фекетиќ, објавија српските медиуми, откако локален жител успеал да го сними дивото животно. Предаторот кој изминативе неколку недели го вознемири населението во Србија, најверојатно во земјата дошол од Унгарија.

Тамошните власти уште на почетокот на декември, минатата година алармираа дека бил забележан во областа Кискунхалас, кога случајно бил снимен на повеќе безбедносни камери. Како што тогаш се објави во „Hungary today“, биле извршени проверки во сите зоолошки градини во Унгарија, и не било регистрирано исчезнување на ниту еден црн пантер, поради што официјалното соопштение од надлежните власти беше дека станува збор за животно кое најверојатно било илегално донесено и чувано во земјата.

Золатн Ханга, ПР на зоолошката градина во Будимпешта, тогаш за унгарските медиуми изјави дека е спротивно на закон индивидуалци да чуваат и одгледуваат пантери и други егзотични предатори.

Конкретно за црниот пантер снимен на безбедносните камери, изјави дека станува збор за многу опасно животно, кое очигледно дека некој илегално го чувал и хранел. Порача дека пантерот е во животна опасност, бидејќи температурите се доста ниски, а претпоставка е и дека животното било хрането, и не знае само да лови.

-Тешко дека ќе го преживее декември, кажа Ханга минатата година, но сепак неговите претпоставки се испоставија како неточни, а животното се уште лута на слобода.

Експерти пак, кои ги проучувале дивите мачки, сметаат дека пантерот има инстинкт да се движи кон потоплите краеви. Го има во Африка, но и во Азија, Аргентина, Бразил, Панама, Венецуела, Перу… Живее во шуми, савани, но и во планини и пустини и е многу прилагодлив на околностите.

Се храни со секаков вид на диви животни, од срни, до птици и глувци, а може да достигне тежина од над 100 килограми. Токму поради широкиот спектар на исхрана, може да преживее во разни средини. Познат е како животно кое лесно се качува на дрва, многу добро плива и може да лови и во вода, а најчесто лови ноќе.

Откако вчера во Србија се објави нова снимка од пантерот кој за кратко време веќе пристигнал во околината на Фекетиќ, загрижени граѓани на страниците на српските портали прашуваат која ќе биде неговата следна дестинација, а многумина се уверени дека животното ги следи своите инстинкти и самото ќе си го најде патот до потоплите краеви.

-Србија, Македонија, па Грција? Во природата му е да се движи кон југ, коментираат граѓани на социјалните мрежи, а пак Ненад Тешиќ од еколошкото здружение ПЗСН (Покрет за све нас) за српските медиуми изјави дека е очигледно како животното се движи јужно, односно од Војводина кон Централна Србија, и апелираше луѓето да ја сфатат сериозноста на ситуацијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости