Пановски за „Фокус“: ВМРО-ДПМНЕ ги саботира и сопствените проекти за инает на Арсовска

by Fokus

Никола Пановски, советник од Коалицијата движење одлучно за промени вели дека градоначалничката Данела Арсовска постојано се кара со сите, ги навредува, забранува комуникација, но дека инает водат и од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа воопшто не се појавува, не разговара со никој, а и тогаш кога ќе се појавела, само ќе ги навреди сите и си заминува. Со неа не можеш да размениш мислење, да се договориш, без да се скараш или да бидеш навреден.

 

Еве, ај да речеш се расправа со сите тие што не ги поддржуваат проектите, но јас лично сум гласал за сите, па постојано се караше и со мене и ме навредуваше“, истакна Пановски во изјава за „Фокус“.

Тој додава дека во целата оваа приказна, голема вина имаат и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои за инает не ги гласаат проектите, кои реално се од нивната програма.

ВМРО не ги гласаат и нивните проекти, и тоа само затоа што се скарани со неа. Затоа што и на нив политиката им е поважна од граѓаните. И затоа нормално добиле наредба од Мицкоски. А, народот, нели знаеме – колку повеќе го малтретираат, толку повеќе ги гласа.

 

Гарантирам – дека сите советници добиваат директна наредба од Мицкоски и ја саботираат сопствената програма. Еден период, работата до таму беше отидена што дури не гласаа и за донациите, што е лудо“, вели Пановски.

Со сличен став како неговиот е и Катерина Јовановска, советничка која доаѓа од редовите на Левица. Според неа, веќе трета година работата на Советот во Град Скопје е заглавена во борбата на суетите меѓу градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски.

Тоа директно се рефлектира во работата на советничката група на ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, која поради тоа не ѝ дава поддршка и не ги гласа предлог-одлуките на Арсовска.

 

Градоначалничката, пак, од друга страна не доаѓа на седниците за советнички прашања и тоа е причина претседателот на Советот, Славески да ги одложува и да не ги одржува“, вели Јовановска во изјава за „Фокус“.

Таа додава дека со ваквото однесување на советничката група на ДПМНЕ и на Арсовска тотално е закочена целата работа.

„Веќе две години не се изгласува точката за набавка на нови екоавтобуси, програмите за работа на јавните претпријатија се изгласаа девет месеци подоцна наместо во декември, заедно со Буџетот на градот, со што не само градот, туку и јавните претпријатија беа закочени во извршувањето на секојдневните обврски, па имаше периоди кога ниту сметот не се собираше, имаше штрајкови во ЈСП, Комунална хигиена…

 

Коалицијата Арсовска – Мицкоски, која ветуваше дека ќе го направи Скопје модерно, го колабираше целиот главен град и го направи целосно нефункционален“, вели Јовановска.

Славески, пак, тврди дека отежнувачка околност за поефикасно работење на Советот е целосната несоработка на Арсовска со советниците од побројните советнички групи застапени во Советот и со претседателот.

Уште од самиот почеток на својот мандат, таа во неколку наврати јавно преку медиумите, одговарајќи на прашања на новинарите, тврдеше дека „немало потреба“ од нејзина соработка со претседателот на Совет.

 

За односот на Арсовска кон вработените во градската администрација, јавноста е запознаена. Нив им е забранета комуникација со советниците без нејзина дозвола, што е спротивно на законот.

 

Тоа им ја отежнува работата при подготовката на сопствени иницијативи и амандмани на некои предлог-одлуки, за што оцениле дека има потреба. Град Скопје во политичка смисла на зборот е комплексна и фрагментирана средина.

 

Оттука не може да се очекува дека некоја политичка групација ќе може да обезбеди стабилно мнозинство и хармоничен однос со градоначалникот.

 

Најдобро е членовите на Советот што припаѓаат на различни политички партии, при носењето одлуки да се раководат првенствено од интересот на граѓаните и така да се формираат мнозинства, а не според политичката определба и идеологија“, истакна претседателот на Советот.

Ирена Мулачка

Поврзани новости