Повеќе од 8.700 граѓани починале од ковид за време на двегодишната пандемија, со што Македонија влегува во првите пет земји по смртност во светот.
Според официјалните извештаи на министерството за здравство, во последниот период бројките на починати повторно се движат од 25 до 40 на дневно ниво, што изненадува со оглед на тоа што се очекува дека повеќето заразени се со варијантата омикрон, која има многу полесна клиничка слика. А, сепак смртноста никако не се намалува, туку и според статистичките податоци уште е поголема.
Микробиологот Никола Пановски во изјава за „Фокус“ тврди дека нема логика да биде толку зголемена смртноста, посебно во болнички услови, со оглед на тоа што омикронот се смета за варијанта која поминува со многу полесна клиничка слика.
„Тоа што смртноста е толку висока се повеќе ме тера да почнам да се сомневам на несоодветно лекување на дел од пациентите. Незамисливо е во просек во болниците да умираат 55 до 60 отсто од хоспитализираните пациенти од ковид.
Тоа значи дека во една болница умираат околу 30 отсто, но има и такви каде умираат и околу 70 отсто од пациентите. Значи, мора да има национални протоколи за лекување со ковид и сите болници да ги применуваат“ истакна доктор Пановски.
Тој тврди дека предложил да се проверат и да се испитаат причините за алармантните црни бројки.
„Мора да се открие каде е проблемот. Не е можно толку луѓе да починаа само од ковид. Досега требаше да се доведат луѓе од странство и да се испитаат причините. Треба да се види во која болница има најголеми проблеми, а тоа е најмногу во малите места.
Се пијат куп антибиотици, во некои случаи можно е и повеќе кислород од потребното…И тоа што е најжално, ние ги немаме лекарите кои работат со респираторни болести. Во целата пандемија ги нема пулмолозите и инфектолозите“, вели доктор Пановски.
Професорот уште додава дека тоа што го изненадува во целата пандемија е што многу вакцинирани граѓани починале од ковид.
„Непријатно сум изненаден што има над 1.000 вакцинирани кои досега починале. Единствено или пак ретко умираат тие што веќе го прележале“, тврди доктор Пановски.
Досега во земјата се направени вкупно 1.846.264 тестирања на ковид 19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 287.016, бројот на оздравени пациенти е 267.134, на починати е 8.747, а бројот на активни случаи изнесува 11.135.
Ирена МУЛАЧКА