„Детоник“, „диатеа“, „простамид“, „кето диет“, „кардиол“… сите овие „чудесни лекови“ ја демантираат науката и ветуваат брзо излекување на дијабетесот, простатата, уринарните инфекции, срцевите болести…
Ваквите лажни објави за лекови, кои наводно можат да ви помогнат, во најмала рака се неетички и нехумани, а истовремено можат да бидат опасни и да го загрозат здравјето на луѓето. Многу од лекарите се злоупотребени во приказната со цел да се дојде до побрза заработувачка. Црвен аларм е вклучен и кај надлежните институции, но да видиме кој, колку си ја завршил работата?
Како што веќе објави „Фокус“, многу познати лекарски имиња се најдоа на вплеткани во мрежата за продажба на разни лекови, чаеви, средства за слабеење, кои ветуваат брзи резултати, но и многу брза заработувачка, особено за оние во позадина ги креираат лажните и манипулативни реклами.
На листата на лекари се најдоа имињата на професорот Никола Пановски, како и на познатиот кардиохирург Сашко Кедев.
Кедев уште тогаш во изјава за „Фокус“ потврди дека неговото име е злоупотребено и дека веќе пријавил до надлежните институции.
Од друга страна, професорот Пановски не ја остави така работата, па се откри дури и фирмата која стои позади лажните реклами, каде тој е главен промотор на чајот „Паразол“, кој ги „убива“ паразитите.
„Јас планирам да покренам приватна тужба. Имам 5.6 сведоци кои ќе сведочат во моја корист. Од тоа што сум информиран и запознаен се појавуваат на три сајта.
На друг начин никој не се ги стопира, ниту надлежни институции, ниту никој, така да јас немам друг начин, освен да барам оштета. И покрај тоа што се откриени, шемата си продолжува и понатаму и ниѓто не ги запира“, вели доктор Пановски во изјава за „Фокус“.
Според податоците на „Слободен печат, чајот е увезен во Македонија од страна на фирмата Монад Плуг ДООЕЛ Скопје, регистрирана на улицата Филип Втори Македонски број 22/3-10. На кутијата пишува дека производителот еМонетизе АД Д.О.О, друштво регистрирано во Босна и Херцеговина на улица Хаџиабдиница бб. На оваа адреса нема фабрика за чаеви, туку – маркетинг агенција.
„Фокус“ провери како функционира оваа шема, па се обидовме во два наврати да порачаме два производи, едниот „кардиол“, за регулирање на притисокот, и другиот „диатеа“ за лекување дијабетес.
Веднаш штом кликнавме на производот, ни стигна порака дека нарачката е извршена. Експресно, во текот на следниот ден ни се јавија оператори, за да ги потврдиме нашите лични податоци, но ние преку телефон ја откажавме порачката на „моќните лекови“.
Од тоа што успеавме да забележиме, многу од граѓаните досега наседнале и сѐ уште наседнуваат на овие манипулативни најави, барајќи побрз начин да се „спасат“ од опасната болест.
Дополнителен проблем во приказната преставува и тоа што многу од овие лекови и препарати што се рекламираат, воопшто не се регистрирани во Македонија.
„Постојат вакви илјадници реклами и лекови, кои воопшто не се регистрирани. Ние можеме да го контролираме сето тоа што е регистрирано и што постои во аптеките“, тврди Лирим Шабани, директор на агенцијата за лекови „Малмед“.
Ирена Мулачка