Откако денеска и официјално се повлече носителката на советничката листа на Град Скопје, доктор Софија Пејкова, која е и директорка на скопската Клиника за пластична хирургија, тврдејќи дека на тој чекор се одлучила поради зголемени професионални ангажмани, „Фокус“ се обрати и до микробилогот Никола Пановски, кој исто така е носител на листата, но од редовите на ЛДП и ДОМ.
На нашето прашање, дека еден по еден како по традиција почнаа да се повлекуваат лекарите, тој одговори дека нема намера тоа да го стори, бидејќи ги почитува гласовите на граѓаните кои гласале.
„Јас не сум директор, јас сум микробилог. Немам намера да се повлечам од советничката листа со оглед на тоа што многу вложив за време на ковид пандемијата и ги почитувам сите граѓани, кои ги дале гласовите за мене. Плус, имам уште десет месеци до пензија, па на некој начин ќе имам занимација“, истакна доктор Пановски.
Тој е еден од најактивните лекари во целата оваа корона криза, одговарајќи на сите пациенти, како и на сите новинарски прашања. Доктор Пановски, исто така е активен и на социјалните мрежи во речиси сите ковид групи, каде што им дава совети на сите граѓани, кои тоа ќе го побараат од него.
И.М.