Микробиологот Никола Пановски секојдневно упатува апели до сите надлежни институции дека во континуитет се злоупотребува неговото име на некои портали, на кои се промовира одреден вид на чај Паразол, поточно неговото име е злоупотребено за промоција на истиот тој чај.
Тој во неколку наврати досега истакна дека бара од Министерството за внатрешни работи да им помогне на сите оние лекари, чие име е злоупотребно, а со тоа да им се помогне и на пациентите, кои можат да купат погрешен лек или чај, со што ќе си наштетат на здравјето.
Доктор Пановски, исто така побара од сите пациенти кои се прелажале и го купиле чајот, да го контактираат во приватна порака.
„Досега десетина го имаат порачано, а меѓу нив се и новинари и адвокати чија цел беше да проверат како оди целата шема. Јас имам ангажирано свој адвокат, па да видиме дали ќе успееме да ја истераме работата до крај.
Освен што моето име е злоупотребено, вака испаѓа дека ние лекарите промовираме производи за кои немаме поима кои се, а може да им направат штета на пациентите“,вели доктор Пановски во изјава за „Фокус“.
Тој смета дека МВР не си ја врши работата како што треба, бидејќи ако сакале можеле веднаш да ги најдатсите оние кои ги прават лажните портали и ги злоупотребуваат нивните имиња.
„Ова не е од вчера. Секојдневно врие со вакви случаи. Кога конечно ќе почнат да си ја вршат работата“, прашува микробиологот Пановски.
„Фокус“ пред неколку месеци веќе објави дека имиња на познати и угледни лекари се злоупотребуваат со цел да се дојде до побрза заработувачка.
Во текстот беше и објавена целата шема, а контактиравме и со неколку од порталите каде порачавме лек за дијабет, чисто да видиме како функционираат.
Ирена Мулачка