Откако министерот за здравство Никола Тодоров пред неколку часа најави дека најверојатно во Скопје на дваесетина хектари ќе се градат странски болници чии услуги во првите десет години нема да бидат достапни за граѓаните од Македонија и од Косово, веднаш со реакција се јавија неколку лекари „воодушевени“ од новиот проект во здравството.
– Идејата на министерот е фантастична. Само покрај слободните здравствени зони и развивањето на здравствениот туризам, Тодоров да вметне и погребен туризам. Гробните места во странство се многу скапи, а кај нас ќе ги даваат без надокнада, па така ќе настане вистински бум – тврди професор Милчо Пановски од скопската Клиника за абдоменална хирургија во изјава за „Фокус“.
На денешната прес-конференција Тодоров најави дека проектот ќе започнел во 2017 година и дека најверојатно ќе се наоѓал во близина на Скопје. Зоната е замислена како место каде што странски инвеститори ќе градат болници и високобразовни медицински институции, а за да ги привлече Владата намерува да ги ослободи од многу даночни и царински обврски.