Eпидемиологот Никола Пановски препорачува да им се продолжи зимскиот распуст на учениците и последните две недели од наставата во првото полугодие да биде онлајн, од причина што се уште не се целосно откриени последиците од новиот тип на мутација од коронавирусот – сојот Омикрон. Според него, особено се опасни групирањата на учениците и прославите пред и за Нова Година.
-Мојот предлог е двете последни недели од првото полугодите децата да одат онлајн, но веќе доцниме и со таа одлука, па добро би било да се размисли, во зависност како ќе се одвива заразата, во второто полугодите да продолжи онлајн или пак да се продолжи зимскиот распуст, вели за „Фокус“ Пановски.
Според него, децата и сега се настинати поради отворените прозорци, а вирусот се шири и поради групирањата во училиштата, на факултетите или пак надвор од образовните институции.
-Загижен сум и како здравствениот систем ќе го поднесе овој нов сој, не го познаваме доволно. Но, ќе ни покаже каков ќе биде крајот на пандемијата, многу заразени и малку починати или пак обратно. Сепак, дефинитивно се потребни мерки, барем рестриктивно работење на кафулињата и баровите, додава тој.
Според него, најсилниот бран од Омикрон може да го очекуваме по Нова Година како резултат на прославите и собиранките, па, како што истакнува, веројатно ќе биде слично како со делта-сојот, кој без рестрикции зеде најголем замав во август.
Говорејќи за смената на министерот Филипче, Пановски вели дека било кој да дојде несериозно е во време на пандемија да менува баш министерот за здравство.
С.Т.