Новиот сој на корона вирус, наречен омикрон, првпат беше идентификуван од јужноафрикански научници, но не е сигурно дека првпат се појавил во Јужна Африка.
Се верува дека омикрон, познат како Б.1.1.529, е многу позаразен од другите варијанти на корона вирус.
Тој почна да се шири со брзина на светлината, па се појави веќе и во Германија и Велика Британија, кои веднаш преземаа нови мерки за да се заштитат од новиот сој.
Тој има 30 мутации во себе, што објаснува зошто толку лесно се шири. Вирологот Лоренс Јанг го опиша омикронот како сој на вирусот, кој има најмногу мутации досега, вклучувајќи ги и оние кои досега не се забележани.
Лека полека, новиот сој стана главна тема на разговор во Македонија, иако досега не е регистриран ниту еден случај.
Микробиологот Никола Пановски во изјава за „Фокус“ вели дека се уште е рано да се коментира за овој вид нов сој на корона вирус.
„Мислам дека се уште е рано, и треба да помине одреден временски период за да се види како ќе се одвива ситуацијата. Но, според тоа што го кажа еден лекар во Јужна Африка дека има поблаги симптоми. Така да, може брзо се шири, но поретко да се умира.“, истакна доктор Пановски.
Според доктор Злате Мехмедовиќ, пак новата мутација на корона вирусот наречена „омикрон“ кој се појави во Јужна Африка има сериозни карактеристики кои што треба да бидат причина за нашата загриженост, бидејќи тој е е 500 отсто попренослив.
„Прво и основно, пресметките се дека новата мутација „омикрон“ има висок степен на преносливост во однос на делта-варијантата. Ние досега сметавме дека многу долго време нема да може да се појави варијанта која што ќе биде посилна од делта-варијантата, меѓутоа, новиот сој укажува на тоа дека преносливоста може да биде и повисока. Иницијалните пресметки што ги направи Институтот за молекуларна биотехнологија во Австрија, укажуваат на тоа дека омикрон-сојот може да биде и до 500 отсто попренослив од делта-сојот.
Само да потсетиме дека делта-варијантата беше 60 отсто полесно пренослив од алфа-варијантата, а омикронот е 500 проценти попренослив од делта-сојот“, објаснува д-р Мехмедовиќ.
Светската здравствена организација омикрон го оквалификува како варијанта која „предизвикува загриженост“, предупредувајќи дека може да се шири побрзо од другите форми на вирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 1.467.751 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 215.009, бројот на оздравени пациенти е 199.064, на починати е 7.547, а бројот на активни случаи изнесува 8.398.
Ирена МУЛАЧКА