Јавноста е загрижена по малите бројки на запишани студенти во првиот уписен рок на Филилишкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за македонски јазик и книжевност.
Луѓето реагираат дека многу малку дипломирани студенти на овие насоки работат според струка, а просветните работници веруваат дека бројката во иднина ќе се зголемува.
Раководителот на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова за „Фокус“ даде свое мислење околу оваа ситуација. Таа вели дека падот на запишани студенти се почувствувал многу одамна.
„Бројката на запишани студенти годинава е навистина мал, но се надеваме дека ќе се зголеми во вториот, па и во третиот уписен рок. Минатата година имавме 22 студенти на Катедрата за македонски јазик и 14 студенти на Катедрата за македонска книжевност и култура.
Првично, падот во бројот на новозапишани студенти се почувствува уште пред десетина години кога се отворија студиски програми по Македонски јазик и на другите државни универзитети: во Штип, Тетово и во Битола, и ако ги соберете бројките на запишани студенти од сите универзитети, ќе видите дека тој број е приближен на бројот што го запишувавме кога бевме единствено место каде што можеше да се студира македонски јазик“, вели таа.
Тука се поставува и прашањето, дали со ваков негативен тренд, Катедрата за македонски јазик и книжевност е во опасност и дали може да се соочиме со недостиг од професори во далечна иднина?
„Работните места за професор по македонски јазик се со ограничен број и во таа смисла има голем број невработени дипломирани професори по македонски јазик и книжевност. Но, дипломираните од Катедрата за македонски јазик можат да работат и како лектори, зашто единствено тие имаат право да го полагаат испитот за добивање лекторска лиценца. Се разбира, тука би помогнало доколку се отворат работни места за лектори во сите државни институции и јавни претпријатија, како што се предвидуваше според Законот за македонски јазик, кој, за жал, сè уште не е донесен“, додава Пановска-Димкова.
Фактите се тие – интересот за изучување на мајчиниот јазик е секаде во опаѓање, за разлика од други држави кои на секаков начин помагаат да не се случи тоа.
„Интересот за студирање мајчин јазик насекаде во светот е во опаѓање. Но, други држави тоа го надоместуваат со посебни национални стратегии и државни политики: им се даваат стипендии на студентите, им се помага за полесно вработување, се врши маркетинг и така натаму.
Кај нас, за жал, ништо практично не се прави на тој план. Сè уште не е донесен ниту новиот Закон за македонски јазик, кој уште пред неколку години беше на јавна дебата во стручната јавност, но потоа заглави некаде во административните лавиринти“, го заврши разговорот нашата соговорничка.
Јорданчо Цветаноски