Поранешниот градоначалник на Кавадарци, Александар Панов куртули од затвор. Тој добил парична казна од 300 евра за делото поткуп при избори или гласање, и при повторното судење во Основен суд Кавадарци го признал делото.
Лани за истото дело, првата изречена пресуда беше ефективна, два месеци затвор, а пресудата беше укината од Апелација Скопје и делото се врати на повторно судење.
Тогаш тој ни изјави дека не е виновен, и како бил скаран со судијата, па затоа го прогласиле за виновен.
-Каква пресуда, па ова не е пресуда, јас не ја признавам! Ова е политичка хајка против мене. Очекував ваква пресуда, со оглед на тоа што помеѓу мене и судијата Др. Лазар Нанев одамна владее нетрпение. Ние сме од Кавадарци, се познаваме уште од времето на Фудбалската Федерација. Згрешив многу што не барав негово изземање, сега дефинитивно ќе се жалам на оваа неправедна пресуда – ни изјави тогаш Панов во телефонски разговор.
Тој беше обвинет дека во декември 2016 година, два дена пред парламентарните избори, во својот кабинет во општинската зграда, на лицето С.М. за да гласа за ВМРО ДПМНЕ му дал поткуп од 1.000 денари.
-Градоначалникот ми даде пари да гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Јас не сум од ниедна политичка партија. Ми рекоа да се потпишам на едно обично ливче – тврдеше сведокот на рочиштето.
По признавањето на делото при повторното судење, казната на Панов е во висина од 30 дневни глоби од по 10 евра, односно 300 евра вкупно. Доколку не ја плати казната во рок од 15 дена по правосилноста, предвидено е да се определи по еден ден затвор за секоја дневна глоба.
Пресудата била донесена пред дваесеттина дена, на 28 – ми мај. Против неа не е дозволена жалба, и Панов по објавувањето на истата се откажал од жалба.
На прашањето дали е задоволен од пресудата, по пат на СМС тој ни изјави дека ќе биде достапен за одговор наредната недела. Инаку, по завршувањето на градоначалничкиот мандат, Панов работи во Македонски Пошти Кавадарци.
Вики Клинчарова