ПАНОВ: АКО СУМ ПОЛИТИЧАР, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ТРЕБА ДА ЖИВЕАМ ВО КОЛИБА

by fokus
Александар Панов, градоначалникот на Кавадарци денеска се најде во центарот на вниманието, откако Горан Белевски, советник во општината од редовите на СДСМ на својот Фејсбук профил објави записник за примопредавање на стан од фирмата ЦмЦ Екокон. Според записникот, станува збор за стан во Дебар Маало во Скопје, кој што гореспоменатата фирма му го продава на градоначалникот. Белевски е убеден дека ЦмЦ Екокон му го дава станот на Панов како подарок, и според него не е случајност тоа што оваа фирма има склучено тендери со ЈП Комуналец од Кавадарци и со Општина Кавадарци во вредност од од околу 500.000 евра.
,,Станува збор за стан кој што градоначалникот го купува, а фактички му е даден на поклон од ЦмЦ Екокон, фирма која што има склучено тендери со општината и со ЈП Комуналец во вредност од околу 30 милиони денари, за кои што се сомневаме дека повеќето се фиктивни,, – ни изјави Белевски, додавајќи дека записникот го пронашол случајно, но и дека има документи од тендерите. Тој исто така вели дека воопшто не се плаши од закани со тужби, бидејќи планира да го обелодени целиот криминал во општината.
,,Воопшто не се плашам од закани со крвични пријави од градоначалникот, оти ќе следува кривична за него, а не за мене. Ќе обелоденам се, нека знаат кавадарчани кој им е водич. Инаку, на самата седница Панов не го негираше моето излагање околу купувањето на станот,,  – вели Белевски.
Градоначалникот Панов вели дека е изненаден од овие тврдења и му порача на советникот да излезе на прес и јавно да соопшти што има, по што тој ќе му пуштел кривична пријава, а не да го напаѓа од говорница, или пак на својот Фејсбук профил.
,,Точно е тоа дека купувам стан во Скопје, во Дебар Маало, но нема ниту трошка вистина во тврдењето на Белевски дека некој мене ќе ми го подари станот. Напротив, купопродажниот договор е во процедура, а станот од 67 квадрати јас ќе го плаќам на рати, со години. Не знам зошто постои толкава злоба и завист кај народот, јас живеам со сопругата и со децата во стан од околу 80 квадрати во Кавадарци, станот е на име на сопргата, а на мое име имам само лозје и еден автомобил. Дали ова значи дека ако сум градоначалник треба да живеам во колиба или пак во пештера? Јас сум на оваа функција со години, пред тоа имам работен стаж од околу 20 години, жена ми е доктор. Нели треба да створиме нешто за сите овие години на работа? Познавам многу луѓе во Кавадарци кои што не се на никаква функција, имаат приватни бизниси и живеат во палати од двесте – триста квадрати, па никој не ги обвинил за ништо. И не е убаво Белевски да ме обвинува мене за нешто кое што е чиста лага, на записникот кој што го објавил никаде не стои мој потпис, па му порачувам нареден пат, ако има некоја фактичка состојба за мое несовесно работење или криминал, нека излезе на прес, со докази, а не на ваков начин. Е тогаш, дури ќе заработи и кривична пријава од мене. Јас немам што да кријам, сите во Кавадарци знаат што точно поседувам и на овој чин гледам како на начин да се предизвика што поголем раскол помеѓу народот. Сето ова ме потсетува на времето пред распадот на Југославија, сето ова нетрпение, завист, неосновани напади… Навистина немам разбирање за вакви провокации,,, – ни изјави во телефонски разговор Панов.
Инаку, кога пред неколку години медиумите ја објавија имотната состојба на градоначалникот, според имотните листови доставени до Антикорупциската комисија, според кои што тој живее во стан на име на сопругата, кавадарчани на шега коментираа дека нивниот градоначалник е на некој начин домазет и еден од ретките градоначалници кој што нема недвижнини на свое име.

Поврзани новости