Во изминативе два дена во Неготино завладеа паника поради шпекулации дека во средата, околу 18 часот, пред основното училиште ,,Страшо Пинџур“, се случил обид за киднапирање на дете кое што се враќало дома по часовите. Приказната за парот кој што се обидува да киднапира деца, која што беше актуелна во Скопје во изминатиот период, моментално ги ,,тресе“, и неготинчани, па вчера можеа да се забележат голем број родители, баби и дедовци кои што си ги пречекуваа децата по завршувањето на школскиот ден. Инаку, учениците кои што посетуваат настава во втора смена во училиштето, се на возраст од 7 до 10 години и поради обемниот број на часови, се случува наставата да им заврши и после 18 часот, време кога во есенскиот и зимскиот период веќе е стемнето.
Настанот се случил на стотина метри подалеку, во близина на спортската сала ,,Младост“. Наш извор од полициската станица во Неготино ни потврди дека е пријавен обид за киднапирање дете, а осомничените биле приведени кратко време по пријавата.
,,Две машки лица и едно женско, по потекло од Кочани, Кичево и Кавадарци, со возило го пресретнале девојчето кое што било на десетгодишна возраст во близина на спортската сала. Тие почнале да довикуваат од автомобилот – ,,Ова е девојчето кое што го бараме, влези во колата“ и слично. Испаничено, тоа почнало да плаче и да бега, а во тој момент се појавил и неговиот татко кој доаѓал да го пречека. Осомничените, кога го забележале таткото, веднаш побегнале, но набргу по пријавата биле лоцирани и приведени на разговор во полициската станица во Неготино. Тие биле сослушани, но нивните изговори биле дека само сакале да се пошегуваат. Против нив била поднесена кривична пријава, а потоа биле пуштени на слобода.
Родители на ученици во основните училишта во Неготино реагираат поради наставата која што се одвива во две смени, па така децата им се враќаат дома буквално во мрак. Велат дека, наместо да се направеше спортска сала во дворот на училиштето, просториите требало да се пренаменат како училници и децата да имаат настава во нормално време, во една смена.
Портпаролот на СВР Скопје, Лиза Бендевска вели дека во изминатиот период официјално во Скопје биле пријавени два случаеви за обид за киднапирање дете, но било утврдено дека нема основи за кривично дело.
Вики Клинчарова