Шест аеродроми во Франција добија закани за бомби, а во тек е евакуација на луѓето од аеродромите.
Како што јави БФМ ТВ, повикувајќи се на извор од полицијата, закани за бомби добиле аеродромите во Ница, Лил, Тулуз, Нант, Брон и аеродром во близина на Париз.
Евакуацијата ќе им овозможи на властите да ги „разјаснат сите сомнежи“ за тоа дали заканите би можеле да бидат реални, изјави полициски извор за АФП.
Сите летови до и од погодените аеродроми се прекинати, па патниците може да очекуваат доцнења од неколку часа.
На аеродромот Лил-Лескин беше дадено предупредување по добиените анонимни закани по пошта веднаш по 10:00 часот, а зградата беше веднаш евакуирана. Во Брон тревогата е завршена, сигналната кула и два авиони се евакуирани, извршени се претреси и ништо не е откриено.
Закани доби и аеродромот Ница, но тревогата е веќе завршена. Станува збор за парче багаж оставен на Терминал 1 кој бил неутрализиран.
Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво од петокот вечерта, откако наставник беше убиен во училиште во францускиот град Арас. А Версајската палата вчера повторно беше евакуирана „од безбедносни причини“.