Статистиката според која Русија троши огромни средства на воената машинерија го загрижува Западот бидејќи тие не можат да ѝ парираат на Москва по ова прашање.
Затоа експертите за одбрана предупредуваат дека тоа може да ѝ даде на Русија огромна материјална супериорност во војната во Украина.
Официјална Москва некои трговски центри претворила во научно-истражувачки центри кои произведуваат дронови. Исто така, Русите беа повикани да работат шест дена во неделата и да волонтираат во фабриките како дел од зголемените воени напори. Има дури и снимка од руската телевизија на која се гледаат руски деца кои учат да склопуваат делови од муниција во работилници.
И ова, како што е наведено понатаму, се само највидливите делови од економската мобилизација за која Владимир Путин се надева дека ќе го сврти бранот на војната, а од која стравуваат украинските и западните генерали.
„Во моментов сме во сценарио каде Русија троши 40 отсто од БДП за оваа војна. Тоа е повеќе од здравство и образование“, изјави неименуван западен функционер за британски Телеграф.
Од друга страна, тајноста на руската одбранбена индустрија и тенденцијата на функционерите да манипулираат со бројки за пропагандни цели го отежнуваат проценувањето на точниот степен на руската транзиција кон воена економија. Но, речиси сите експерти се согласуваат дека тоа се случува и дека е опасно.
На пример, Русија произведе 1.530 тенкови и 2.518 оклопни борбени возила во 2023 година, рече Сергеј Шојгу, рускиот министер за одбрана, во извештајот до парламентот во декември.
Тој рече дека ова претставува 560 отсто зголемување на производството на тенкови од февруари 2022 година. Производството на пешадиски борбени возила е зголемено за 360 отсто, а оклопни транспортери за 350 отсто.
Западни официјални лица изјавија за Њујорк тајмс овој месец дека Русија е на пат да произведува два милиони артилериски гранати годишно – двојно повеќе од износот што западното разузнавање првично проценуваше дека Русија може да произведе пред војната.
Ако ги додадеме испораките на гранати, ракети и беспилотни летала од Иран и Северна Кореја – Русија веќе ја потврдува огнената надмоќ што ја имаше на почетокот на војната.