Власта преку измените по скратена постапка на законите за основно и за средно образование направи паничен обид да се заштити од можен штрајк на просветните работници, реагираше попладнево СДСМ.
– Груевски неможејќи да ги реши проблемите што ги создаде, го направи тоа што најдобро го знае, упад во Уставот со што директно се прекршени работнички права! Правото на штрајк го гарантира член 38 во Уставот.
Истиот член предвидува дека со закон може да се ограничи правото на штрајк само на вооружените сили, полицијата и органите на управата! Не и на образованието – потенцира најголемата опизициска партија.
Власта на Груевски, велат оттаму, е свесна дека незадоволството во просветата кулминира.
– Дека како бумеранг може да им се врати, се што им направија на наставниците и професорите. За ништо не ги прашаа, во извршители и администратоти ги претворија, го потценија нивниот труд, со апсурдните проекти им го навлекоа гневот на родителите и учениците, ги удрија со казни и инспекции. Пред една година, со судска одлука беше ограничен штрајкот на лекарите – се вели во соопштението.
Независниот синдикат на просветарите, научниците и на културните работници СОНК летоска најави штрајк за септември поради лошата состојба во образованието, меѓутоа такво нешто не се случи. СОНК само се појави на краток протестен марш пред Министерството за образование како поддршка за тројцата професори од Штипскиот универзитет кои штрајкуваа со глад, но протестот траеше едвај десет минути.